Владата ќе прави дополнителни пресметки во врска со барањето на Сојузот на синдикатите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за зголемување на платите на професорите, бидејќи во периодот што следи ќе се носи Буџетот за следната година, изјави проф. д-р Ангел Ристов, претседател на Синдикатот на УКИМ по средбата со премиерот Димитар Ковачевски и министрите за финансии и за образование и наука, Фатмир Бесими и Јетон Шаќири која се одржа во владата.

Ристов ја оцени средбата како конструктивна, а за владините претставници посочи дека имаат политичка волја да излезат во пресрет на барањата на Синдикатот.

Средбата беше конструктивна. Ги изложивме нашите легитимни барања, аргументи. Од нивна страна беше укажано на многу тешката економска и финансиска состојба. На крајот заклучија дека постои од нивна страна политичка волја да излезат во пресрет на барањата на Синдикатот. Но, побараа малку време да направат одредени дополнителни пресметки зашто во периодот што доаѓа е донесувањето на Буџетот за новата година. Така што, во некое блиско време повторно ќе имаме средба на која ќе бидеме повикани и очекуваме, конечно, да биде позитивно одговорено на нашите барања. Затоа што ако државата не инвестира во високото образование и во науката, тогаш таа држава нема иднина“, рече Ристов.

Синдикатот на УКИМ бара надминување на исклучително тешката материјална состојба на вработените, бидејќи имаат најниски плати во регионот, обезбедување достоинствен живот на наставниот и ненаставниот кадар и развој на високото образование и науката. Барањата на Синдикатот се потпишување Колективен договор и постепено покачување на платите, по 25 проценти на годишно ниво, за по четири години да се достигне 100-процентно покачување.

Не се само платите, туку и науката, пристапот до бази, обезбедување литература, гостување во странство. Како вие ќе отидете со 650 евра во Лондон или во Париз, не можете да отидете ниту до Ниш на една конференција“, изјави Ристов одговарајќи на новинарски прашања.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.