Владата на денешната седница ја разгледала информација за состојбите со пожарите во државата, при што било истакнато дека од 13 пожари, два се целосно изгаснати, четири се активни, а другите се под контрола. Најголем проблем предизвикува пожарот во близина на село Брезница, каде теренот е тежок и непристапен.

Во оваа насока беше нагласено дека пожарот кај Косел е под контрола, кај Пласница е изгаснат, изгаснат е и пожарот во делчевско, додека кај зелениковско Вражале е под контрола.

Посочено е дека поминат е исклучително тежок период минатите 10 дена, со 66 нови пожари. Само во месец јули регистрирани се дури 620 пожари.

Беше потенцирана и брзата реакција од Владата, дека по првите поголеми пожари за само неколку часа е прогласена кризна состојба, а се одговори и на барањето за вклучување на Армијата со помош за справување на состојбата. Со тоа, дејствувано е во најкус рок и во тој рок е делувано оперативно на највисок степен. Нагласено беше и дека состојбата ги надмина домашните ресурси, односно тие беа недоволни за справување со огнената стихија, и веднаш од страна на Владата беше побарана странска помош односно активиран ЕУ механизмот за цивилна заштита, со оглед на тешката затекната ситуација и расположливите ресурси.

Се дискутираше и за штетите, но и за причините за толкав број на пожари. Како причини се наведува дека најголем дел од пожарите се предизвикани од човечки фактор, најмногу ненамерно, заради палење на стрништа, пасишта и меѓи. Во делот на намерно предизвиканите пожари, беше посочено дека преовладуваат криминални мотиви и има повеќе такви случаи кои се испитуваат – велат од Владата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.