Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, за кого во Собранието се води жестока дебата дали да биде избран за уставен судија, утрово во изјавата за медиумите соопшти дека Комисијата за дисциплинска одговорност донела решение за поведување дисциплинска постапка против шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска, која е под суспензија, како и против нејзините колешки, Ивана Трајчева и Елизбаета Јосифовска.

Комисијата за дисциплинска одговорност го разгледа предлогот за покренување дисциплинска постапка и, колку што сум информиран, по тој предлог донесе решение за поведување на дисциплинска постапка. Натаму знаете дека во тој дел, односно во самата постапка, треба да се обезбедат определени докази и треба да се произнесат јавните обвинители кон кои се води оваа постапка“, изјави Јовески.

Предлогот за поведување дисциплинска постапка против Русковска и нејзините две колешки го поднесе републичкиот обвинител Јовески поради претресот во Финансиската полиција.

Обвинителката Русковска во разговор со „360 степени“ утрово изјави дека го добила решението на дисциплинската комисија и ќе се изјасни по него согласно законската процедура.

Да, го добив решението во вторникот и треба во рок од пет дена да се изјаснам по него“, ни изјави Русковска.

Инаку, државниот јавен обвинител денеска прашан да ги коментира наводите на Русковска изнесени во јавноста дека четири години не бил направен надзор над работата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, рече дека тоа било поради околноста со ковид-пандемијата.

Подолго време не е направен надзор, не само во ова обвинителство туку и во другите обвинителства, имајќи ги предвид состојбите со ковид-19. Да, во овој период беше извршен надзор во определени обвинителства, но само онаму каде што потребите налагаат да се изврши надзор“, рече Јовески.

Во контекст на огласот за избор на нов шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кој беше распишан вчера, „360 степени“ ја праша Русковска дали евентуално планира да се пријави на конкурсот, односно дали се предомислила бидејќи пред неколку месеци рече дека не планира да се кандидира за нов мандат за шеф на ОЈО ГОКК.

Сè уште не планирам да се пријавувам“, вели Русковска.

Според новиот закон од 2020 година, новиот шеф на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција ќе се избира со гласање на сите обвинители во државата. Гласањето е закажано за 31 октомври.

Сепак, суспендираната шефица на ОЈО ГОКК веќе конкурирала за нова позиција, овој пат во републичкото јавно обвинителство, каде пред неколку месеци имало распишан оглас за заменици јавни обвинители.

Видете, имаше оглас во мај или јуни, не можам точно да ви прецизирам за двајца заменици јавни обвинители во државното Јавно обвинителство. Јас поднесов документи, односно конкурирав на тој оглас“, ни изјави Русковска.

Околу евентуална нејзина кандидатура за шеф на државното Јавно обвинителство на местото на Јовески, доколку тој биде избран за уставен судија, постапка која е во тек во Собранието и за која неколку дена се води расправа, Русковска вели дека се додека е тој јавен обвинител и се додека евентуално не биде избран за уставен судија таа не размислува за ова прашање.

На прашање дали смета дека случајот со нејзината суспензија и поведувањето на дисциплинска постапка е со цел таа да се дискредитира од постапките за избор на нов шеф на ОЈО ГОКК и на републички јавен обвинител, доколку Јовески стане уставен судија, Русковска е децидна – не.

„Не! Искрено не мислам дека тоа е причината“, ни рече Русковска.
Шефицата на Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК), Вилма Русковска, беше суспендирана кон средината на август оваа година откако обвинители од Обвинителството за гонење на организиран криминал на 18 јули влегоа во просториите на Финансиската полиција.

Пред суспензијата на Русковска, Јавното обвинителство соопшти дека е Јовески поднел предлог за дисциплинска постапка против неа и нејзините колешки Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска поради сомнение дека обвинителките „намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство“.

Русковска на 19 август до Советот на јавни обвинители поднесе жалба против одлуката на Јавниот обвинител Љубомир Јовески да ја суспендира, но Советот едногласно ја одби.

Инаку, на крајот од јули и почетокот на август првите луѓе на ОЈО-ГОКК и на Управата за финансиска полиција, Вилма Русковска и Арафат Муареми, разменија серија обвинувања преку медиумите откако обвинителите влегоа во просториите на Финансиската полиција.

На 4 август на брифинг со новинарите директорот на Финансиската полиција, Муареми, најави дека ќе поднесе кривични пријави против Русковска, Трајчева и Јосифовска по, како што оцени, незаконскиот претрес во просториите на Управата.

Истиот ден Русковска ги повика институциите, но и странските амбасади, Делегацијата на Европската Унија, како и европската обвинителка Лаура Ковеси да реагираат по, како што оцени, притисокот врз неа и обвинителството од директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми.

Неколку дена по суспензијата на Русковска и предлогот за дициплинска постапка против неа и нејзините колешки, Муареми си даде оставка од директорската фотелја.

Како привремен шеф додека трае суспензија на Русковска или до изборот на нов шеф на ОЈО ГОКК како привремен раководител на ова обвинителство кон крајот на август беше назначен обвинителот Трајче Пеливанов.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.