Според резултатите од анкетата на „Конрад Аденауер“, Стево Пендаровски е најлошиот претседател на државата од нејзиното осамостојување до сега! Оценката малку над доволен 2 недвосмислено покажува дека шефот на државата речиси го потрошил кредитот кај граѓаните и тоа на почетокот на втората половина од својот мандат, што го става на прво место меѓу досегашните претседатели Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и Ѓрге Иванов.
Можеби и оттука произлегува чувството дека претседателот Пендаровски се одвојува од народот и граѓаните и се почесто неговата резиденција станува место за одржување на разно-разни настани, па полека, но сигурно вилата „Водно“ како да станува „царски дворец“! И тоа без разлика дали настаните се во негова или нечија друга организација.
Последниот настан беше вчерашната дискусија насловена како „Дискриминирачки говор на дигитални медиуми-состојба и предизвици“. Јавната дебата беше под покровителство на претседателот Пендаровски, а во организација на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).
Но, не треба да се заборави дека Пендаровски беше првиот претседател, кој не одржа говор на Мечкин Камен за 2 Август, 8 Септември исто така го празнуваше во вилата „Водно“, иако негов ред беше да се обрати од центарот на Скопје пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методи Андонов-Ченто, а згора на тоа ретко се појавува и на поголеми спортски или манифестации од друг тип.
Што е причината за бегството од народот и граѓаните е негова и работа на проценка и оценка на неговиот кабинет.?, прашува „Пресинг ТВ“ во својата анализа.
Но, во основа, и зад едвај преодната двојка и за ова, лежат политичките причини и неконзистентноста во ставовите по клучните прашања поврзани, пред се, со историските видувања за одредени личности и настани, Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија, францускиот предлог и покренатата иницијатива за референдумско изјаснување за него… Лавирањето од гол популизам, преку изјави што сака да ги слушне обичниот граѓанин, до чиста спротивност од тоа и манифењстирање партиска припадност и гола послушност даваат резултати какви што даваат и за нив треба длабоко да се замисли. Иако, беше избран како прв претседател признат од сите политички субјекти, за разлика од сите негови претходници.
-Длабоко сум убеден дека соработката и заедничките акции на сите чинители во општеството се клучни во борбата против дискриминирачките содржини во интернет просторот, но и воопшто во јавниот живот. Спречувањето на оваа појава која сериозно ги разнишува основните темели на секое општество кое цели кон инклузивност, мора да стане национален приоритет, нагласи вчера претседателот Пендаровски.
Клучно е, според него, „сите кои се кријат зад удобноста на тастатурата да бидат свесни дека се одговорни за кажаното или напишаното“.
– Комуникацијата не смее да биде сведена како сега во голем дел на негативна енергија, фрустрации, напади врз личноста, дискриминирачки говор или говор на омраза. За таа цел превенцијата е клучна. Не треба да дозволиме дискриминирачкиот говор да прерасне во говор на омраза и со тоа да ги поткопа темелите на едно општество кое треба да почива на коректна комуникација и аргументирана дебата, потенцира Пендаровски.
Шефот на државата додаде дека мора да ја вратиме пристојноста во комуницирањето во нашите домови, на работното место, во јавноста и на социјалните медиуми, односно, како што рече, да ја мериме тежината на нашите зборови.
Во основа, пораките на шефот на државата се сведуваат на тоа што човек ќе го стекне до седум години, на елементарна домашна култура и воспитување. За „тежината на нашите зборови“ веќе не се знае кој не води сметка и кој се не ја мери, но кој да ја мери тежината на искажаните зборови на претседателот Пендаровски? Особено ако над 57% Македонци се чувствуваат предадени од него!!!
„Народот е обична стока“, „Гоце Делчев е Бугарин“, „Гоце Делчев е нашата црвена линија“, „психопат, ушмркан, гнида од човек“, „ако има референдум, прашањето треба да биде дали сте за ЕУ или не“, „бугаризацијата ја измисли опозицијата за да го плаши народот“, „ на оние кои не го разбираат одговорот на членовите на историската комисија им нема спас“… се откажа од охридскиот маратон, па непоканет се натопори на доделувањето на наградите…
Ова се само некои „бисери“, што во различни пригоди излегоа од устата на претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Во нив има мал милион неточности и невистини, што повеќе од сигурно биле повод и причина за реакции на социјалните мрежи и во медиумите. Сосема друго прашање е колку е етички и морално, и човечки и политички, кога свои политички неистомисленици ќе наречеш „стока“, или ќе им се заканиш дека „им нема спас“, или ќе ги етикетираш како проруски, антиевропски или анти-НАТО расположени, да не добиеш и соодветен одговор!-наведува “Пресинг ТВ“ во анализата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.