Направена е пресметката за усогласувањето на пензиите, со кое ќе има статистичко покачување за пет проценти, информира денеска министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски.

На новинарско прашање, Велковски рече дека податоците покажуваат пет проценти на, како што наведе, условно кажано покачувањето на пензиите.

Добиени се сите податоци од статистика, веќе е направена пресметката. Јас тоа не би го кажал зголемување, бидејќи пет проценти колку што покажуваат бројките на условно кажано покачувањето на пензиите, што треба да бидат исплатени на 1-ви во петок. Така што, ова статистичко покачување од пет проценти е во моментов што пензионерите ќе го добијат како дополнување на нивните пензии – изјави Велковски, по учество на РЕДИ Самитот 2024 во Скопје.

Во согласност со новата Методологија, усогласување на износот на пензиите се прави двапати годишно во март и во септември, врз основа на податоците од Државниот завод за статистика за трошоците на живот и просечната плата.

Велковски оцени дека е минорна измената за замрзнување на покачувањето на платите на функционерите, со предложените измени на законите што ги доставија пратеници од владејачката СДСМ.

Направено е прекршување на самото усогласување кое што требало да започне претпоставувам многу порано не наеднаш кога се случија тие 78 проценти, така што некој којшто прави само ад хок решенија се случува тоа што се случи пред година дена од денеска. Сега е минорно што тие прават измена, односно го замрзнуваат делот на покачување на сегашните плати, така што ако се следат како решенија доаѓаме до една ситуација да бидат и сите граѓани незадоволни, а процентот на зголемување на платите на функционерите да биде на ниво како што беше и реакциите да бидат нормални од страна на граѓаните какви што беа – изјави Велковски.

Како што дополни, откако е тој министер на седница на Владата не се дискутирао за намалување на платите на функционерите.

Не, на седниците што сум бил присутен јас лично како министер бидејќи е повеќе од месец дена и нема точки во делот на професионална политика не знам од кои причини. Претпоставувам дека така работеле претходните министри, но тоа е на нив. На тие седници кај што сум бил јас присутен немало дискусија, ниту има заклучоци произлезени од Владата по однос на тоа прашање – рече Велковски.

При контролите за вакцинацијата во градинките поради епидемијата со голема кашлица, како што информираше, не се констатирани прекршоци.

Ги зголемивме, како што и ветив и пред една недела контролите, инспекторите се на терен. Имаме записници добиено по основ на самите инспекциски надзори. Досега не се констатирани прекршувања, односно во самите решенија коишто се доставени од инспекторите нема прекршување на делот каде што градинките не го почитуваат законскиот момент за прием на деца кои немаат вакцинални картони, односно се здрави. Така што, има контроли, на терен се инспекторите, сме во постојана координација и се надевам дека ќе придонесеме да не се рашири повеќе оваа болест – изјави техничкиот министер за труд и социјална политика.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.