Ние поднесовме интерпелација, денеска и официјално од претседателот на Собранието сме известени дека интерпелацијата е прифатена. И очекуваме дали според деловничките можности, временскиот распоред во најскоро време да биде истата ставена на пленарна седница каде како опозиција ќе ги изложиме јавно нашите забелешки, нашите аргументирани барања Талат Џафери да подлегне на истата интерпелација и да биде заменет“, истакна Иванка Василевска, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисија на Телевизија 24.

Василевска додаде дека ВМРО-ДПМНЕ има издржано барање кое што е покрепено со неколку сериозни аргументи, пред се како една битна точка која што ќе треба да се има во предвид е за нарушување на меѓучовечките односи внатре во Собранието како институција.

„Од таа причина ние имаме потреба и преку нашата аргументација ќе се обидеме и во рамките на владејачкото мнозинство да добиеме поддршка како би можело да дојдеме до ситуација спикерот на Собранието да се врати во една нормала, односно да избереме спикер кој што ќе биде репрезентативен. И ова го говорам не зашто личноста на Талат Џафери е нападната, овде е нападнато неговото однесување и неговите резултати од неговиот начин на раководење со Собранието“, појасни Василевска.

Василевска посочи дека има прекршочен момент, а тоа е самоволието на Џафери кое предизвикува кршење на човековите слободи и права.

„Ако сме прифатиле ние да имаме систем плурален во рамките во кој што ќе ги остваруваме нашите програми и нашите цели во интерес на македонските граѓани тогаш мора да прифатиме дека кога ќе се погреши нешто ќе треба да се сноси одговорност. И тука би сакала да кажам дека без никаква задршка, дури и малите деца веќе знаат дека во Македонија може да одговара секој, само не функционери на ДУИ. И тој дуалитет и тој проблем кој што се провлеклува како непогрешливост на таа структура создава една црна дамка, а се отсликува во потезите кои што ги направи Џафери на пленарната седница“, рече Василевска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.