Предмет на анализа и разгледување, во случајот на разменување препораки, е учебникот за седмо одделение во Република Македонија, а не во Бугарија. Така што, што и да договорат, каква препорака и да усвојат за методската единица за Охридската архиепископија, таа би се однесувала за нашите учебници, а не за учебниците во Бугарија. Значи, Комисијата во своето соопштение свесно манипулира со ова.

Ова во интервју за „Република“, меѓу другото, го вели проф. д-р Ванчо Ѓоргиев, кој поради политички притисоци ја напушти работата во македонскиот дел од заедничката македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и за учебниците.

Разговорот со него следува по последната средба на Комисијата, која се одржа во Скопје, а на која беше разговарано и за Охридската архиепископија, што предизвика бура од реакции во јавноста.

-Евидентно е дека на последната средба на мешовитата македонско-бугарска историска комисија тема на разговор беше методската единица Охридска архиепископија во учебниците за седмо одделение во Република Македонија и тоа е факт. Во меѓувреме се појавија разни шпекулации дека се зборува за статусот на МПЦ. Комисијата ниту има мандат, ниту прво, ниту верувам, пак, дека помислила за такво нешто да зборува. Значи, веднаш ќе кажам дека тоа се сепак шпекулции во недостаток на информации. Но, таквите шпекулации се и последица на недовербата на граѓаните на Република Македонија кон институциите, кон Владата, и кон самата Комисија. Значи, и ние сите сме доведени, заради тој подреден однос кој нашата Влада го тера во разговорите со Бугарија генерално и особено кон она што го прифатија т.н. француски, а всушност тоа е бугарски предлог, и протоколите коишто ни ги тутна, во една таква понижувачка ситуација и луѓето немаат доверба. Но, факт е дека, ќе останам на тоа, се разговара за тоа, за методската единица за историјата на Охридската архиепископија претставена во учебникот за седмо одделение, а според старите програми тоа е за шесто одделение, бидејќи учебниците така се водат и не е извршена соодветна промена. Но, она што се обиде Комисијата да излезе од овој ќорсокак е соопштението, коешто го објавија по разните гласини и толкувања, во кое забележав една недоследност или обид за мала манипулација, а тоа е моментот кога тие велат дека разговараат за тоа како е претставена Охридската архиепископија во методската единица, но таму, во соопштнието, е кажано, изрично стои во двете држави. Тоа апсолутно не е така и најодговорно го демантирам, затоа што предмет на анализа и разгледување, во случајот на разменување препораки, е учебникот во Република Македонија, а не во Бугарија. Така што, што и да договорат, каква препорака и да усвојат, таа би се однесувала за нашите учебници, а не за учебниците во Бугарија. Значи, Комисијата свесно манипулира со ова соопштение, вели проф. Ѓоргиев.

Со проф. Ѓоргиев разговараме за „Забранетото име“- негов научен историски труд промовиран во 2016 година, на одбележувањето на 70-годишнината од формирањето на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје, или, пак, негова визија за тоа што ќе и се случува на Република Македонија во наредните години. И нормално, како денес, од оваа временска дистанца гледа на неа.

-Република Македонија денес ја гледам како една понижена, потчинета држава, држава на којашто и се оспоруваат сите нејзини легитимни права на сопствена идентификација, и јазична, и културолошка, и во историска смисла. Тоа значи, би рекол, една држава доведена во подредена положба однадвор, ќе рече проф. Ѓоргиев.

Како специјалист за историското ВМРО и за Илинденскиот период, проф. Ѓоргиев го прашавме и за Иван Ванчо Михајлов, чие се почесто споменување на неговото име доведе и до нови македонско-бугарски недоразбирања, но и на дневно-политички пресметки меѓу власта и најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ.

-Да, навистина името на Ванчо Михајлов е контроверзно, такво е, какво што е, и нема што да се додаде или одземе. Неговата улога е општопозната, дури на крајот и една Бугарија ја забрани, свесно или несвесно, неговата организација. Исто така, и на другата страна, еве ние бевме свдоци како се подметнуваа летоци, разни именувања на оваа организација, така и во последно време се обнови таа приказна, обидувајќи се некој ВМРО-ДПМНЕ да ја спореди со некогашното ВМРО на Ванчо Михајлов, да покажеме некојси континуитет. Да расчистиме, ВМРО-ДПМНЕ е современа политичка партија, регистрирана согласно законите на Република Македонија, со јасна политичка програма и цел, партија која што се бори во современи услови за развој на македонската држава. А, ако некој се обидува да бара некаков континуитет, тогаш треба да го бара во севкупното делување на ВМРО, да зборува и за ВМРО-Обединета, да зборува и за Македонската револуционерна организација од 1893, којашто го донесе Илинден и за оние илинденци, кои потоа пртставуваа континуитет помежу некогашната МРО и Илинден од 1944 година, на Второто заседание на АСНОМ. Ние сме сите сведоци каква беше улогата, да речеме, на Димитар Влахов, на Павел Шатев, како тие луѓе беа кооптирани, така што таквото етикетирање, што доаѓа сега, е некоректно и би рекол удбашки метод, метод познат за едно друго време од раните години на македонската држава, на југословенската федерација, од време на ИБ, методи коишто во недостаток на аргументи и понудена програма за излез од севкупната криза во којашто се наоѓа државата, не им останува ништо друго, освен да ги етикетираат другите со недолични и непристојни епитети или квалификации, коишто немаат, би рекол, ниту историска, ниту, пак, морална подлога, вели проф. Ѓоргиев.

Целиот разговор слушнете го во видеоинтервјуто кое го водеше Предраг Димитровски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.