За среќа, штетите што беа предизвикани од пожарите се незначителни, односно немаме изгубено шума од висок карактер, туку претежно грмушки, сува трева и смреки. И што е најважно, на целокупната територија каде избувнаа овие пожари нема материјални штети ниту пак последици по домовите и домаќинствата на граѓаните, објави вечерва на фејсбук кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, кој раководи со регионалниот Кризен штаб за борба против пожарите во државата.
– По иницијатива на премиерот Христијан Мицкоски, а во врска со пожарите во регионот, деновиве беше формиран регионален кризен штаб. Со мерките кои беа преземени во изминатите два дена од заседавањето заедно со министрите за внатрешни работи и одбрана на Република Македонија, Панче Тошковски и Владо Мисајловски и градоначалниците од соседните општини, како и со ресурсите кои беа на располагање од АРМ, МВР, ЦУК, ДЗС, ТППЕ од сите општини, јавните претпријатија, приватниот сектор и воздухопловство и со оние кои беа дојдени на помош од страна, успеа да се изгасне пожарот во Радовиш, Неготино и неготинско, а другите пожари во Штип кај селата Пухче и Селце се под контрола, целосно локализирани и се очекува утре да се изгаснат, напиша Јанчев.
Тој соопшти дека пожарите кај Градско, село Подлес, Росоман кај село Сирково, село Мрзен и Фариш, Чашка кај Горно и Долни Јаболчиште и планина Лисец, се локализирани, под контрола и истите се очекува утре целосно да бидат изгаснати.
– Голема благодарност за максималната поддршка и брзата реакција од страна на Владата на Република Македонија, до АРМ, МВР, ЦУК и ДЗС, како и до ТППЕ од сите засегнати општини, јавните претпријатија, нашите жители и градоначалниците кои неуморно и истрајно работеа во борбата против пожарите. Голема благодарност и до нашите пилоти од АРМ, МВР, ДЗС, но и пилотите кои беа на терен покрај нас, од соседните пријателски држави, сподели Јанчев
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.