Првото и единствено предизборно соочување на сите седуммина кандидати за претседател на државата ќе се одржи утре (недела, 21 април 2024 г.) на МРТ 1 објави „360 степени“.

Сите кандидати за шеф на државата ја прифатиле поканата за дебата. Соочувањето ќе се емитува од 20 часот на првиот канал.

Последен што потврди беше актуелниот шеф на државата и кандидат за втор мандат Стево Пендаровски. Тој, како што соопшти денеска неговиот тим за комуникации, ја прифатил поканата за дебата, иако останува на ставот дека треба да се расчисти случајот со индиции за лажни анкети за рејтинзите на кандидатите и партиите поврзан со Македонската радиотелевизија.

Пендаровски претходно во неколку наврати иницираше т.н. мастер-дебати кои, како што неодамна соопштија од неговиот изборен штаб, нема услови за да се одржат.

Идејата на Пендаровски беше дебатите да се одржат на неутрален терен, а да бидат пренесувани од националните телевизии, како и на социјалните платформи.

Од штабот на Пендаровски тогаш порачаа и дека изминатиот период одржале и состаноци со одговорните лица од националните телевизии и со претставници од изборните штабови на останатите претседателски кандидати со цел, како што рекоа, да се надминат отворените прашања, да се премостат разликите и да се излезе во пресрет на одредени поспецифични барања.

Дел од кандидатите, како што информираа тогаш од штабот на Пендаровски, имале свои услови, од дебатата да се изземат некои од нивните ривали, пред сè Стевчо Јакимовски бидејќи е на „црната листа“ на САД и Билјана Ванковска поради нејзините наративи, но од штабот на Пендаровски нагласија оти тоа не е можно.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.