Уставниот суд денеска ќе ја одржи 25. седница со дневен ред на кој се предвидени седум иницијативи за оценување на уставност и законитост.

Како што најавија од Уставниот суд, на дневниот ред на денешната седница се и осум предлози за одлучување со нацрт-одлуки и донесување на нацрт-решенија по пет предмети.

Во продолжение иницијативите и предложените одлуки и решенија за расправа:

1. Реферат У.бр.137/2017

Оспорен акт: Членовите 175, 176, 177 и 178 од Законот за електронските комуникации

Подносители на иницијативата: ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии од Скопје;

-Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија од Скопје;

-Асоцијација за развојни иницијативи – Зенит Скопје од Скопје;

-Форум за истражување на безбедносни политики СЕКУРИТАС од Битола;

-Проф. д-р Трпе Стојановски од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Се наведува дека член 178 од Законот за електронските комуникации пропишува обврска за телекомуникациските оператори да задржуваат податоци за електронските комуникации на сите претплатници во период од 12 месеци, без судска одлука за тоа, а член 176 став 3 од истиот закон пропишува дека операторите се должни задржаните податоци за електронските комуникации на претплатниците по барање да им ги достават на надлежните органи по услови и постапка утврдени со закон, при што и оваа одредба од Законот не предвидува постоење на судска одлука за вака задржаните податоци, поради што и членовите 176 и 178 од Законот за електронските комуникации не се во   согласност со член 17 од Уставот. Подносителите на иницијативата сметаат дека оспорените одредби од Законот не содржат доволно гаранции против евентуална злоупотреба од страна на овластениот орган со дадената техничка можност за континуирано и самостојно следење на електронските комуникации на граѓаните, како и при прибирањето на потребните податоци во врска со остварена комуникација. Во отсуство на јасни законски одредби во врска со следењето на комуникациите, постои ризик за создавање наограничена моќ, во спротивност со принципот на владеењето на правото и човековите права на приватност и заштита на личните податоци.

2. Реферат У.бр.127/2024

Оспорен: Член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Академија за судии и јавни обвинители

Подносители:  Игорчо Точев, Анета Стевановиќ, Атеме Муамеди, Евица Јанковска и други судски советници во Управниот суд во Скопје

Од наводите во иницијативата:

Подносителите на иницијативата сметаат дека во Законот не е пропишано подробно кој е тој „настан кој не можел да се предвиди“ како и што се подразбира под „крајна итност“ кој доведува или евентуално би можело да доведе до прекин во спроведувањето на приемниот испит што не е во согласност со начелото на владеење на правото и доведува до правна несигурност. Понатаму се наведува дека овие поими остануваат недоволно прецизирани и разработени во законот, а тоа се допушта да биде направено со подзаконски акт што би можело да излезе од општите правила и на арбитререн начин да се уредуваат состојби кои би означувале прилагодување на таквиот подзаконски пропис со околностите кои настанале или би можеле да настанат.

3. Реферат У.бр.132/2024

Оспорен: Член 122 од Законот за сопственост и други стварни права

Подносител: Дамјан Цветановски од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека оспорената законска одредба која предвидува дека за доградбата, односно надградбата на зграда во етажна сопственост одлучува мнозинството сопственици на посебните делови од зградата кои претставуваат повеќе од половината на вредноста на зградата е во спротивност со уставно загарантираното право на сопственост од член 30 од Уставот. Оспорената законска одредба не го гарантира правото на сопственост на заедничките делови од објектот на сите сопственици на посебните делови и определено е дека мнозинството сопственици можат да одлучуваат и да располагаат со правото на сопственост на заедничките делови од објектот, во име и за сметка на сите сопственици на посебните делови, без нивна согласност. Подносителот на иницијативата наведува дека надградба или доградба на објект во етажна сопственост не претставува јавен интерес утврден со закон, туку инвестиција за која постои приватен интерес и оттука оспорената одредба предвидува и озаконува грубо кршење и нерасполагање со правото на сопственост на малцинскиот дел од станарите.

4. Реферат У.бр.137/2024

Оспорен: Член 98 став 5 алинеја 7 и 10 од Законот за административните службеници

Подносител: Оливер Давидовски од Скопје

Од наводите во иницијативата:

За подносителот е спорно уредувањето во оспорената законска одредба за престанокот на работниот однос на административниот службеник по сила на закон при што како причини за престанок на работниот однос по сила на закон се предвидуваат и „неоправданото отсуство од работа најмалку три работни дена последователно во еден месец“ и „неоправданото отсуство од работа најмалку пет работни дена во текот на една календарска година“. Понатаму се наведува дека Законот не дава никакво објаснување за тоа што претставува „неоправдано отсуство“ како и на кој начин и кој воопшто ќе ја утврдува „неоправданоста“ на отуствата во овие случаи, особено „неоправданоста“ на оние пет дена во текот на една година, кога тоа би се вршело, дали на крајот на секоја календарска година, што ја прави оваа одредба нејасна и остава простор за различно толкување и примена.

5. Реферат У.бр.121/2024

Оспорен: Прилог дел XI точка 14 кон Уредбата за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат, а за чие одобрување е надлежен органот за вршење стручни работи од областа на животната средина, во делот „автопати“

Подносител:  Македонско здружение на млади правници од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата оспорената точка 14 од делот XI на Прилогот на Уредбата во делот „автопати“ е спротивна на одредбите од Архуската конвенција поради тоа што го исклучува учеството на јавноста за проекти за кои јавноста мора да има можност да учествува во донесувањето на одлуката и на овој начин уредбата на спротивен начин регулира материја што е претходно уредена со меѓународен документ ратификуван од Собранието со што оспорениот дел е спротивен на член 118 од Уставот. Меѓу другото, подносителот смета дека оспорената уредба е спротивна и на ставот на Венецијанската комисија и на ставот на Уставниот суд во Одлуката У.бр.113/2022, поради тоа што за иста активност предвидува различни обврски со што се создава нејасност и непрецизност во регулирањето, па субјектите кои градат автопати не можат, ниту со советување на адвокат да знаат со сигурност каков тип на документ треба да изработат, за да го прилагодат на законските одредби. Оттука, се наведува дека опстојувањето на одредби коишто се во директна колизија, предизвикуваат нарушување на правната сигурност, што води кон повреда на начелото на владеењето на правото.

6. Реферат У.бр.2/2024, У.бр.3/2024, У.бр.203/2023

Содржина на оспорени одредби:

Член 8 (оспорен став 1 и став 2 во деловите „кои се прибираат”)

(1) Овој правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци ќе се применува почнувајќи со распределбата на авторските надоместоци за 2023 година, што ќе биде утврдена со општата пресметка во 2024 година.

(2) Одредбите на овој Правилник ќе се применуваат на авторските надоместоци за емитувани авторски дела кои се прибираат по неговото влегување во сила, додека на авторските надоместоци за емитувани авторски дела кои се прибирааат пред неговото влегување во сила, ќе се применува Правилникот кој важел пред денот на влегувањето во сила на овој Правилник.

Подносител на иницијативата (2/2024): Славко Димитров

Оспорен акт: Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за распределба на авторски надоместоци, донесен од Собранието на ЗАМП

Подносители на иницијативата(3/2024, 203/2023) :  Кристијан Габроски, Робертино Саздов и Ѓорѓи Крстевски

Од наводите во иницијативите:

Според наводите,  авторите на  музички дела основано очекувале распределба на авторски надоместоци согласно важечките правила и општо познати во моментот на емитување на делата, кои се важечки во периодот во кој го стекнале правото на надоместок, а не согласно со тогаш неважечки односно сеуште недонесени и непознати правила за пресметка и распределба предвидени во оспорениот правилник.

7. Реферат У.бр.7/2024

Оспорен акт: Упатство за царинска вредност и Корисничко упатство за пребарување во каталогот SchwacketNet

Подносител: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека доколку при пресметка, утврдување и наплата на царинските давачки се земат во предвид вредностите според оспорените акти, однапред се детерминира неможноста под конкурентни услови, иста или слична стока да биде продадена или понудена за продажба на вообичаен трговски начин со што постои можност арбитрерно да се определуваат цените на стоките од оспорените акти, со што се создава правна несигурност спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Воедно, се наведува дека оспорените акти не се објавени во „Службен весник на Република Македонија“ со што се смета дека истите не произведуваат правно дејство во правниот промет и истите не можат да бидат основ за утврдување на „вистинска цена“ што не е во согласност со член 52 од Уставот бидејќи царинските давачки се дел од системот на јавни давачки.

1. У.бр.21/2024

Оспорен: Член 16 алинеја 3 и Главата X од Деловникот на Совет на Општина Берово

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд

2. У.бр. 32/2024

Оспорен: Член  15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Делчево („Службен гласник на Општина Делчево“ бр.16/2006).

Подносител: Уставен суд на Република Македонија

3.У.бр.36/2024

Оспорен: Член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Градско од 19.07.2006 година

Предметот е отворен по сопствена иницијатива на Уставниот суд

4.У.бр.40/2024

Оспорен:Член 15 алинеја 3 од Деловникот на Општина Кратово

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд

5.У.бр.43/2024

Член 15 алинеја 3 од Деловникот на Општина Кратово

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд

6. У.бр.68/2024

Член 15 алинеја 3 од Деловникот на општина Чешиново-Облешево

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд

7.У.бр.82/2024

Член 26 алинеја 4 од Деловникот на општина Сарај

8. У.бр.98/2024 и У.бр.139/2024

Oспорени: Член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигацините односи

Судот поведе постапка за оценување на уставноста на член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи (Службен весник на Република Македонија” број 154/2023).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.