Судијката Ана Павловска Данева на продолжението на денешната седница на Уставниот суд на која треба да се избере новиот претседател на судот, ја повлекла својата кандидатура, потврдуваат од Уставениот суд. Нејзината противкандидатка Татјана Васиќ Бозаџиева, не го добила потребното мнозинство. Ќе следува нов круг гласања, со други кандидати од редот на судиите во Уставен.

Ова беше седмиот обид на членовите на Уставниот суд, откако пропаднаа шестте претходни во четвртокот и петокот, да изберат нов претседател на Судот.

Новиот претседател на Уставен треба да ја замени досегашната претседателка Добрила Кацарска, чиј тригодишен мандат истече во неделата, на 2 јуни.

Според Деловникот, Уставниот суд на седница избира претседател на Судот од редот на судиите со двотретинско мнозинство од вкупниот број на судиите, со тајно гласање.

По завршувањето на мандатот на Кацарска, и неуспешните кандидатури на Татјана Васиќ Бозаџиева и Ана Павловска Данева, се очекува кандидатура на некој од следните актуелни судии во Уставен суд кој ќе треба да ја преземе претседателската функција – Насер Ајдари, Осман Кадриу, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Елизабета Дуковска и Јадранка Дабовиќ Анастасовска.

Секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд.

Предлогот за кандидат за претседател на Уставниот суд го утврдува комисија од тројца судии избрани со мнозинство од вкупниот број на судиите.

Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, постапката за избор на претседател се повторува.

Мандатот на претседателот на Уставен суд е три години, без право на реизбор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.