Од Уставниот суд информираат дека се формирани предмети за законските измени на Законот за работни односи и измената на ДУП Буњаковец 2.

Хелсиншки комитет за човекови права поднел иницијатива за член 1, 2 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.111/23).

Со оспорените членови, како што е наведено во иницијативата, се напушта нивотo на заштита кое го нудат позитивните законски прописи и меѓународните конвенции и е обид да се наметне механизам за заобиколување на веке поставените правила.

Подносителите наведуваат дека се создава опасност од нееднаков третман на работниците и дискриминација од страна на министерот за финансии кој во согласност со министерот за труд и социјална политика, го пропишува начинот и местото на исплата на работниците кои работат на проекти од стратешко национално значење утврдено со закон. Дополнително оспорениот член со кој се предвидува исклучок од траењето на прекувремената работа подолго од 8 часа неделно и 190 часа годишно за работење на проекти од стратешко и национално значење според подносителите создава правна несигурост и простор за толкување и манипулација со вкупното времетраење на прекувремената работа без да се утврди горна граница.

Од Уставниот суд информираат дека е оспорена и Одлуката бр.07-9331/10 од 10.12.2012г. за изменување и дополнување ДУП Буњаковец 2, плански период 2011-2016.

Подносител на иницијативата е Сузана Јошевска, адвокатка и Граѓанска иницијатива „Шанса за Центар”.

Во иницијативата се тврди дека оспорената одлука за конкретни измени на ДУП Буњаковец 2 е во спротивност со Генералниот урбанистички план, односно дека границата на ДУП-от не е усогласена со опфатот на градската четврт планирана со ГУП, како и дека нумеричките податоци на ДУП-от се неусогласени со оние од ГУП-от. Подносителите наведуваат дека поради овие околности се прави груба повреда на член 11 став 7 и член 15-б од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Подносителите во иницијативата наведуваат дека донесената одлука за ДУП е во спротивност со владеењето на правото содржано во членот 8 од Уставот, како и дека е во спротивност со членови од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Овие предмети, како што велат од Уставен суд, се предадени на работа кај тимови од советници и судии и се во почетна фаза од работењето, односно во претходна постапка. Уставниот суд допрва ќе ги испитува наводите во иницијативите и барањата и ќе оформи реферати кои ќе содржат предлози за гласање на седница.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.