На избирачкото место 1194 ќе се прегласува откако Управниот суд денеска ја одби како неоснована жалбата на коалицијата предводена од ДУИ, Европски фронт.

„Тужбата на тужителот Коалиција ЕВРОПСКИ ФРОНТ Предводена од Демократска унија за интеграција Движењето на народот ДН демократска партија на Албанците Европска Демократска Партија ЕДП Политичка Партија Бошњачки Демократски Сојуз БДС Изборна Кампања 2024 од Скопје изјавена против Решение УП1 10-17/1 од 14.05.2024 година на тужениот орган  Државна Изборна Комисија на Република Македонија за резултатите од гласањето по листите на кандидат за избор на пратеници на Собранието на Република Македонија за избирачко место 1194 Општина Крушево , СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНА.Решението на Државна Изборна Комисија на Република Македонија број УП1 10-17/1 од 14.05.2024 година, за резултатите од гласањето по листите на кандидат за избор на пратеници на Собранието на Република Македонија за избирачко место 1194 Општина Крушево, СЕ ПОТВРДУВА“ се вели во пресудата.

Откако Државната изборна комисија усвои приговори од политичките партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ во Петтата и од Коалицијата ВРЕДИ во Шестата изборна единица, од ДУИ поднесоа тужби на одлуките на ДИК.

Пред Управниот суд се наоѓаат уште шест тужби поднесени од Европскиот фронт предводен од ДУИ и ако бидат одбиени тогаш на неколку избирачки места во општините Охрид, Крушево и Желино ќе се прегласува веќе в среда.

За коалицијата Европски фронт, ова било изборен инжинеринг со цел да им се намали бројот на пратеници, а тој да порасне кај ВРЕДИ и кај коалицијата предводена од СДСМ.

„Овој обид за изборен инженеринг има за цел да го промени односот на бројките во Собранието преку политички договор на маса. Со политички договори и монструозен антидемократски план, зготвен во партиските штабови на ВМРО, СДСМ и Влен, се прави обид да се наруши волјата на граѓаните“ се наведува во соопштението на Европски фронт.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.