Нашата држава со воената донација за Украина остварува најмалку три стратешки цели за што постои консензус меѓу сите релевантни парламентарни политички партии во земјата, изјави за МИА проф.д-р Марјан Ѓуровски, универзитетски професор на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”.

-Мaкедонија се потврдува како сериозен партнер – земја-членка на НАТО преку манифестирање на реална поддршка и воена помош на Украина, е првата цел, појаснува Ѓуровски. Наведува дека ваков тип на воени донации направија и други помали земји како Словачка, која донираше авиони МИГ и тенкови Т-72 за украинските вооружено сили.

– Со овој потег, Армијата се ослободува од вооружувањето и од опремата кои не се од западно производство и не се дел од новата формација на Армијата согласно НАТО стандардите, а може да се користи. Воените донации воопшто не ја нарушуваат борбената готовност на Армијата која е на највисоко ниво и официјално високо оценета и од НАТО на последната вежба во Криволак, вели универзитетски професор на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј”.

Истовремено, нагласува, треба да се истакне дека се реализира долгогодишниот план за модернизација на Армијата. САД, истакнува Ѓуровски, директно помогна за модернизација на македонската армија со финансиска помош од 40 милиони долари што е особено значајно за нејзината опременост и готовност за идниот период.

Опремата за која зборуваме, потсетува тој, Македонија ја набави од Украина за време на воениот конфликт во 2001 година. Согласно Стратегискиот одбранбен преглед и со новата формација на вооружените сили, појаснува Ѓуровски, авионите Сухои 25 не се користат долг период во македонското воено воздухопловство зошто за нив по членството во НАТО воопшто и нема потреба.

Како трета стратешка цел, што се постигнува според Ѓуровски, нашиот народ и држава преку донацијата на воена опрема и вооружување за Украина искажува благодарност до Украина и до украинскиот народ кои беа меѓу ретките кои во најтешката 2001 година ни помогна со вооружување и опрема за Армијата и тоа во услови кога бевме под ембарго и под будното око на меѓународната заедница.

– Одлуката на Владата  се темели и на резолуцијата на Собранието на Република Македонија за осуда на воената агресија на Русија врз Украина. Оттука, целосно се несериозни обидите да се девалвира нашата Армија заради овој чекор пред се од структури кои служат на проруските елементи во регионот. Политиката на Путин за промена на курсот на државите во регионот ќе биде поразена и на Балканот, изјави за МИА проф.д-р Марјан Ѓуровски, универзитетски професор на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“.

Уште еднаш нагласи дека со употреба на новата опрема и системи во приоритетните единици, нужно е Армијата да се ослободува од постарите системи и опрема. Посочува дека процесот на аквизиција со новото вооружување и опрема, односно опремувањето и модернизација е предвиден и во Долгорочниот план за развој на одбранбените способности поддржан со посебна резолуција од Парламентот.

– Да потсетам, согласно законската регулатива се имплементираат осум проекти за модернизација на Армијата преку склучување договори за набавка на стоки, услуги и работи во областа на одбраната и безбедноста со влади на земји членки на НАТО.

Со планот за модернизација на Армијата предвидени се набавки на лесни оклопни возила на тркала (проект во континуитет), специјални возила за посебни намени, артилериски системи 105 мм и муниција 105 мм, ПВО-систем на многу мали височини, ремонт на транспортни хеликоптери, опрема за извидување и разузнавање, комплет за контрола на здружен оган Joint Terminal Attack Controler (JTAC) и лесни оклопни борбени возила за специјални сили. Со новата опрема дополнително ќе се зголеми подготвеноста на Армијата и нејзината интероперабилност со армиите на сојузничките земји, нагласува во изјавата за МИА професорот Ѓуровски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.