Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) од Скопје го објави конкурсот за запишување на студенти на прв циклус студии во учебната 2023/2024 година. За претстојната академска година на факултетите на првиот и најголем универзитет во земјава има 10.473 слободни места.

Годинава најмногу слободни места има на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) – вкупно 1.150 слободни места,  потоа следуваат: Правен факултет „Јустинијан Први“ со 1.055 места, Природно-математичкиот со 1.050 слободни места и Филозофскиот факултет со 915 места.

Според конкурост, 5.074 места се предвидени за редовни студенти кои се финансираат од државниот буџет и плаќаат партиципација во износ од 200 евра, 4.439 места се за редовни студенти со школарина кои плаќаат по 400 евра за една година, додека 960 места се предвидени за вонредни студенти.

Првиот рок за пријавување на кандидатите е 30 и 31 август, вториот рок е 18 и 19 септември, а третиот на 28 септември.

Проверката на знаења и умеења на факултетите каде е предвидена проверка ќе се одржи на 1 септември (прв рок) и 20 септември (втор рок). „Примени испити“  ќе има на Архитектонскиот факултет, Факултетот за драмски уметности, Факултетот за ликовни уметности и Факултетот за музичка уметност. На Педагошкиот и на ПМФ (наставни студиски програми) се врши претселекција на кандидатите по пат на интервју, која не се бодира.

Конечната ранг-листа, односно објавувањето на решение за прием на кандидатите ќе биде на 11 септември (прв рок) и 25 септември (втор рок) за оние студенти кои се рангираат само според успехот од средно образование, додека роковите за кандидатите на кои ќе им се проверуваат знаењата се 11 септември (прв рок) и 27 септември (втор рок).

Запишувањето на кандидатите е на 12 и 13 септември (прв рок), 26 септември (втор рок) и 30 септември (трет рок).

Исти се датумите и за запишување на кандидатите кои полагаат проверка на знаењата, со исклучок на вториот рок кој е 28 септември.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.