Република Турција на барање на властите на Македонија испрати помош во два авиони и еден хеликоптер за гаснење на пожарите во земјава, потврди денеска турскиот амбасадор Фатих Улусој.

-Врз основа на барањето на Владата на Република Македонија, вчера во попладневните часови интервениравме брзо и два авиони и еден хеликоптер веќе се стигнати со цел да се борат против пожарите. Ние стоиме секогаш до наша братска и пријателска Македонија и во добри и во тешки денови, рече амбасадорот Улусој на церемонијата по повод 15 јули – Денот на демократијата и националното единство, која што денеска ја приреди во Турската Амбасада.

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов претходно информира дека два турски авиони за гаснење пожар „ер трактори“ и еден хеликоптер се вклучуваат во гаснењето на пожарите што ја зафатија земјава. Леталата рано утрово слетале на аеродромот во Скопје.

Двата турски „ер трактори“ заедно со два „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување ќе интервенираат на пожарот во општина Ново Село, еден полициски хеликоптер рано утрово веќе започнал со гасење на пожарот на планината Серта, а набргу на него се очекува да му се приклучи и еден армиски хеликоптер и турскиот хеликоптер.

На 15 јули 2016 година во Турција се случи неуспешен обид за државен удар започнат од група воени службеници во кој загинаа над 250 лица, а над 2.000 беа повредени.

Турските власти сметаат дека терористичката организација (ФЕТО) на проповедникот Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, стои зад пучот



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.