Министерот за правда, Никола Тупанчески, потпиша девет договори за размена на податоци со државните институции, кои на дневна основа со судовите остваруваат 50% од размената на податоците, за што ја изрази неговото задоволство од постигнатите резултати и од започнувањето на процесот на интероперабилност.

Судовите за почеток ќе овозможат користење на четири веб сервисни услуги од базите на податоци, а во наредниот периодот таа бројка постепено ќе се зголемува. Со оглед на комплексноста и сложеноста на процесот денес започнува ново поглавје во македонскиот правосуден систем, како прва земја од земјите од регионот во која 34 суда кои се приклучени на Националната платформа за интероперабилност, со потпишувањето на договорите, наместо со физичка размена на податоците целиот процес ќе го водат преку платформата за интероперабилност, рече министерот Тупанчески.

Министерот се осврна на придобивките што со себе ги носи вештачката интелигенција, напредокот и усовршувањето на техничките и оперативните перформанси на ИКТ алатките, во насока на поголема ефикасност, транспарентност и пристап до правдата.

ИКТ алатките и дигиталните решенија треба да го олеснат процесот, а со тоа ќе се добие на ефикасност, ефективност и оперативност во работењето, врз основа на сите претходно детектирани процесни слабости за сметка на искористување на предностите и придобивките. Верувам дека овој чекор, за сите учесници во судските процеси, ќе се овозможи побрзо одлучување и суштинско елиминирање на неефикасноста на правосудниот систем, додаде министерот.

Договорите беа потпишани со следните државни институции: Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство на Република Македонија, Централен регистар, Царинската управа, Државната изборна комисија, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање, Државната комисија за спречување на корупцијата, Агенција за цивилно воздухопловство.

Владата на Република Македонија минатата година го донесе Оперативниот план за дигитализација на правосудните органи, при што Министерството за правда преку Советот за ИКТ изминатите месеци интензивно работеше на операционализација на активностите за меѓусебно поврзување и размена на податоци помеѓу правосудните институции и тоа 34 суда и државните органи и институции преку Националната платформа за интероперабилност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.