Во Клубот на пратеници денеска се одржа конститутивна седница на Работната група за изработка на Граѓанскиот законик на Република Македонија, што, според министерот за правда Никола Тупанчески, претставува сериозен предизвик во однос на законодавната агенда и на тоа „што се нарекува кодификација на едно законодавство кое што до скоро, а и во моментот, според позитивните прописи претставува или е парцијализирано“.

Самата работна група, начинот, структурата, членовите од кои е составена, можам да кажам дека делуваат ветувачки, дека ќе бидат на ниво на задачата и уште еднаш ќе покажеме како држава дека се приближуваме или инклиминираме кон современите европски, светски трендови во однос на кодификација на граѓанското законодавство, рече тој во изјава за медиуми пред седницата.

Професорот Дејан Мицковиќ, потпретседател на Работната група за подготовка на Граѓанскиот законик, истакна дека подготвувањето на Граѓанскиот законик ќе биде една од најзначајните реформи во сферата на правото во земјава во последниве 30 години.

Граѓанскиот законик ќе биде составен од пет дела – општ дел на граѓанскиот закон, дел за стварно правни односи, дел за облигациони правни односи, четвртата книга ќе биде за наследно правни односи и петата книга за семејно правни односи. Со Граѓанскиот закон ќе се обезбеди на еден систематски и сеопфатен начин да се регулираат сите граѓанско-правни односи значајни за граѓаните. На овој начин ќе добиеме нов квалитет во регулирање на граѓанско-правните односи. Истовремено, што мислам дека е и најзначајно, ќе се направи една сериозна реформа за да се надминат правните празнини, застарените законски решенија и да добиеме навистина еден граѓански закон по европски терк, образложи тој.

Со донесувањето на Граѓанскиот закон, проект што би требало да заврши за две години, како што рече Мицковиќ, земјава ќе се вброи во поголемиот број европски држави што имаат граѓански законици, меѓу кои Франција, Германија, Италија, Шпанија, Австрија, Швајцарија, земјите од Источна Европа – Чешка, Полска, Русија, Грција, Албанија и Косово и Србија, кои веќе имаат нацрти на граѓанските законици.

Со носење на граѓанскиот закон се надевам дека ќе ги надминеме проблемите коишто ги имаат граѓаните во оваа сфера, а се должат на некои застарени законски решенија, рече тој.

Одговарајќи на новинарско прашање Мицковиќ посочи дека предвидуваат сериозни реформи во делот за семејно право и наследно право.

Тука навистина предвидуваме сериозни реформи. Јас посебно би истакнал дека се планираат сериозни реформи во делот кој се однесува на заштита на правата и интересите на децата каде што навистина имаме застарени законски решенија и како што спомнавте, многу често Македонија ги губи случаите пред Европскиот суд за човекови права, посочи тој, дополнувајќи дека се планираат многу реформи.

Мицковиќ дополни дека ќе се воведе брачниот договор со кој брачните или вонбрачните партнери ќе можат меѓусебно да ги регулираат имотните односи, за разлика од досегашниот модел, каде што имавме еден модел на посебен и заеднички имот ќе се остави многу поголема слобода на партнерите сами да ги регулираат меѓусебните имотни односи.

Поквалитетно ќе ја регулираме вонбрачната заедница, бидејќи ние сме една од ретките земји во светот каде што во ист момент можете да бидете во полноважен брак и во полноважна вонбрачна заедница затоа што за вонбрачната заедница не се предвидени брачни пречки. Понатаму, подетално ќе ги регулираме имотните односи помеѓу родителите и децата и брачните партнери. Ќе го воведеме моделот или ќе го предложиме моделот за заедничко вршење на родителското право по разводот на брак којшто со децении е присутно во европските законодавства, така што и во делот на семејно право и во делот на наследно право ќе имаме навистина сериозни реформи, рече тој.

Од Министерството за правда информираат дека во рамките на проектот за изработка на Граѓанскиот закон, членовите на Комисијата ќе ги имаат предвид сите современи граѓански закони, како и судската пракса на Европскиот суд за човекови права, најзначајните меѓународни документи.

По изработката на нацрт верзијата на Граѓанскиот закон ќе биде организирана сеопфатна јавна расправа, во која ќе учествува научната, стручната и пошироката јавност кои треба да дадат предлози за што поквалитетно уредување на граѓанско-правните односи опфатени со Граѓанскиот закон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.