Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Борис Тунџев во изјава за 24Инфо истакна дека системот на Агенцијата бил цел на напади, но сега системот е оперативен а веќе од понеделник функционални ќе бидат и интерните системи.

„Агенцијата за катастар на недвижности беше предмет на напад на системите на и тоа на апликациските сервери и тоа не е поврзано со каков било пристап на базата на податоци. Сите податоци, дали оние со единствен матичен број, како и податоците за имот се безбедни и граѓаните можат да бидат спокојни во тој дел. Последиците од нападот траеја само еден ден, кога граѓаните беа оневозможени да пристапат кон услугите. “ изјави Тунџев.

Тој како несериозни ги оцени обидите на одредени медиуми и поединци, нападот да го квалификуваат дека е во функција на затскривање на аферата за тајни имоти.

„Одредени злоупотреби од одредени медиуми, дека нападите се во функција на сокривање на аферата тајни имоти се несериозни во сериозни времиња кога државата се бори со енергетската криза, кога имаме секојдневни закани за бомби по училиштата, а цел на напад се и веб страниците на други државни институции“ оценува Тунџев.

Тунџев истакна дека за време на неговиот мандат, инвестирани се околу половина милион евра во осовременување и унапредување на софтверскиот систем, со цел податоците да бидат целосни заштитени, а граѓаните навремено и ефикасно да ги добиваат услугите од Агенцијата за катастар на недвижности.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.