Ново барање за прекин на казната на Бојан-Јовановски-Боки 13 е поднесено од неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ. Тој за „Макфакс“ посочува дека има драматично влошување на здравствената состојба, а поради тоа, тврди: „Неизбежен е оперативен зафат со кој ќе биде отстранет витален орган-желудник и ќе настане траен инвалидитет на лицето.
За оваа состојба денеска писмено е известен и претседателот на Кривичниот суд Скопје“. Адвокатот посочува дека Кривичен и Управата за санкции знаеле за последиците кои може да ги има Боки 13 ако не се почитуваат лекарските напатствија.
„За жал, во изминатите 7 месеци постојано му укажувавме на судот и надлежните во Управата за извршување на санкциите за значењето на редовната примена на задолжителниот здравствен режим и сериозните последици кои можат да произлезат по животот и здравјето, доколку секојдневно не се применува. Постојано укажувавме на последиците по животот и здравјето на лицето доколку само неколку дена не се применува овој задолжителен медицински режим бидејќи природата на болеста е таква што за само неколку дена настануваат тешки последици. За жал од страна на надлежните органи не наидовме на разбирање за нашето тврдење засновано на стручно медицинско мислење, дека задолжителниот здравствен режим не може да се спроведе во пенални услови“, вели адвокатот Туфегџиќ за „Макфакс“.
Тој посочува дека Брза помош се обидувала да го спроведе задолжителниот здравствен режим во затворот „Идризово“ каде Боки 13 издржува казна, но без успех, за што сведочат и 11-те писмени извештаи.
„Напротив, судот и Управата за извршување на санкциите врз основа на мислењето на домскиот лекар утврдија дека КПУ Идризово ги има сите услови за спроведување на задолжителниот медицински режим. Доставивме обемна медицинска документација во изнинатите 7 месеци во две последователни постапки пред судот и управата за санкции, бидејќи состојбата се влошуваше на дневна основа. Ниту еден надлежен орган при одлучувањето не направи ниту еден обид да стапи во контакт со лекарите специјалисти кои го лекуваат лицето. Останува впечарокот дека Бојан Јовановски покрај казната на која е осуден сега се казнува и поради неговата болест. Прекинот на казната го баравме поради факти засновани на стручната медицина, бидејќи само на тој начин ќе беа одбегнати последиците со кои денеска се соочува лицето. За жал, денеска ризикот и исходот по животот на пациентот е неизвесен и во тој дел се оградуваат и лекарите специјалисти од областа“, додава Туфегџиќ.
Тој потсетува дека пред седум дена го алармирал и Кривичен суд каде укажал дека прекинот е неопходен и преважен за Боки 13.
„Во последното мое обраќање до судот на 09.03.2023 укажав дека поради ваквата состојба на работите е потполно основано и легитимно евентуалното барање одговорност за последиците од страна на осудениот и неговото семејство, а заради идните несакани и неизвесни последици по животот и здравјето на лицето.
Како и да е, се надевам дека овој случај ќе биде повод да се извлече поука за во иднина, за поинаков пристап во вакви сложени постапки, а пред се да проработи совеста, разумот и хуманоста кај надлежните за да во иднина не ни се случуваат вакви несакани последици, кажано со реториката на сегашниот Министер за правда, условите во затворите да не останат и понатаму срамни“, додава Туфегџиќ.
Претходно, Јасминка Јовановска, мајка на Бојан Јовановски-Боки 13 преку писмо до јавноста алармираше дека животот на нејзиниот син е донесен во ризик. Јовановска, во писмото потпишано од неа и нејзиниот сопруг Миле Јовановски, посочува дека Боки 13 е во лоша здравствена состојба поради тоа што е мета на изживување, малтретирање и тортура. Најавува дека за ваквите последици по неговото здравје, одговорност ќе бара од инволвирни лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.