Премиерот Димитар Ковачевски денеска телефонски разговарал со премиерот на Канада, Џастин Трудо, во присуство на министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

Како што соопшти владината прес-служба, Ковачевски изразил задоволство што токму денеска во посета на нашата земја е министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли, што, оценил тој, „говори за активниот и континуиран дијалог меѓу нашите две земји по важни теми од интерес на двете земји, на Европа и пошироко“.

На разговорот беа опфатени неколку теми во насока на натамошно продлабочување на билатералните односи, како и соработката во рамките на НАТО и мултилатералната сцена. Премиерот Ковачевски нагласи дека долгорочен интерес е севкупно развивање на односите и соработката со Канада, која од самите почетоци на нашата независност манифестира активна поддршка на реформските, европското и евроатлантското интегрирање на земјата, соопшти прес-службата на Владата.

Од двете страни, се наведува во соопштението, беше нагласена важноста од продолжување на започнатиот процес на интегрирање на Македонија во ЕУ, кој нуди сигурен, предвидлив и безбеден пат за нејзиниот просперитет и напредок како дел од европското семејство на народи.

Канадскиот премиер Трудо изрази задоволство од одличната соработка на двете држави во НАТО, посебно од учеството на македонски војници во борбената група за зајакнато истурено присуство во Латвија, која е под канадска команда, се наведува во соопштението од Владата.

Притоа, Трудо истакнал дека оваа група овозможува значајна соработка меѓу сојузниците од различни земји во зајакнување на трансатлантската одбрана и безбедност, а македонските војници, како дел од неа, се високопочитувани од страна на канадските колеги.

-Нашата соработка е силна во НАТО, во ЕУ и во Украина, и знам дека народот на Сереверна Македонија разбира дека иднината на земјата е светла како дел од напредните европски демократии, истакнал канадскиот премиер, нагласувајќи дека „Македонија може секогаш да смета на Канада“.

Премиерот Ковачевски се осврнал и на важноста на македонската заедница во Канада и нејзиниот значаен придонес во канадското општество.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.