Инспирарана од случајот со малата Ембла, девојче со Даунов синдром, кое заедно со нејзиното семејство поминува низ голгота зошто родители на нејзините соученици бараат таа да се испише од класот, само затоа што е различна, актерката Синоличка Трпкова го споделува своето искуство од животот во Холандија и тамошниот образовен систем и родителите.

Се сеќавам, 2004, кога ќерка ми тргна на школо во Холандија, во класот имаше детенце со даунсиндром. Сандер се викаше. Мајките на децата доброволно се пријавуваа да работат по еден час во школото со класот. Тоа беше вообичано тогаш, верувам сеуште е. Инволвираноста на родителите во школо има длабока смисла. Сите мајки имаа некаков ангажман. Мајка за комјутер, мајка за прошетка, мајка за палачинки, мајка за танц итн. Јас бев мајка за компјутер. Имав задача еднаш до два пати во неделата еден час да работам со дечињата на компјутер. Игри за развивање на логика. Игри на вклопување бои, форми итн. Сандер седеше кај мене во скут и секогаш кога компјутерот ќе дадеше весел сигнал на успешно завршена задача потскокнуваше од радост, ја вртеше главата и со очињата бараше потврда од мене. Сандер седеше две години во класот и беше омилен другар на сите деца. Му помагаа кога требаше и сите без исклучок, го сочекуваа и поддржуваа во активностите. Со радост, со бодрење, со отворено срце. По две години Сандер мораше да замине во друго школо. Децата не разбираа зошто. Тие не размислуваа ниту пак некогаш посочија, за тоа дека Сандер е поинаков од нив. Мајките, колку и банално да звучеше нивната ангажираност, со задоволство ги играа дадените улоги, секое утро, од 9-10, на смени. Доброволната инволвираност и интерес на родителите во образовниот процес (иако дел од нив и работеа), само укажува на еден поинаков систем на вредности, поразличен од оној -„да се отфрли детето на школо“. Понекогаш мислам дека ваквото искуство, за мене како мајка од Балкан е повредно од сите дипломи и успеси. Но и после толку години обиди за пренесување на моите искуства овде, разбрав дека кај нас ништо од тоа нема да може да се имплементира. Зашто во суштина никому не му гајле ниту за системот, а уште помалку за иднината, со акцент на партиите и нивната племенска култура, како кројачи на нашите животи!, смета Трпкова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.