Најголемиот акционер во „Еуростандард банка“, Трифун Костовски денеска објави дека целосниот Извештај од истрагата за стечајот во „Еуростандард банка“ за кој информираше вчера на прес-конференција е достапен преку порталот „Човекот пред се“. Тој најавува дека во наредните денови ќе даде одговор на реакците што уследија по вчерашната објава на Извештајот од истрагата, што по негова нарачка го подготви тим предводен од Драго Кос, меѓународен експерт против корупција и организиран криминал.

– Во врска со реакциите на Народна банка, „Комерцијална банка“, Македонска банкарска асоцијација и Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал, преку нивните официјални соопштенија, објавувам дека во наредните денови јас и тимот истражители ќе дадеме релевантен и фактографски одговор на погоре споменатите институции и банки, наведе Костовски во соопштение.

На вчерашната презентација на Извештајот, Кос и Костовски објавија дека од 2004 година во државава функионира „незаконска шема меѓу банките, а Народната банка (НБ) одбивала да го препознае и спречи постоењето на таа шема“. Помеѓу 2004 и 2011 година во шемата биле вклучени седум банки, 45 други компании и едно физичко лице. „Еуростандард банка“, според Извештајот, станала дел од незаконската шема на позајмување најрано во 2011, а тоа, тврди Костовски, било направено без негово и знаење на акционерите. Според Костовски, „Еуростандард банка“ била однесена во стечај со умисла, а Народната банка, како што посочи, ги искористила само редовните мерки и стечајот како алатки, а вонредните мерки биле делумно искористени.

Во одделни реакции тврдењата ги отфрлија и НБ и Македонската банкарска асоцијација (МБА) од каде апелираа да не се наштетува на јавниот интерес и оти македонскиот банкарски сектор бил и останува најздравото ткиво на нашата економија.

Советот на Народната банка, ги оквалификува како нерелевантни и неточни изнесените оценките и мислењата во како што наведоа, „приватно нарачаниот извештај од поранешниот акционер, а воедно и долгогодишен претседател на Надзорниот одбор на „Еуростандард банка“, над којашто поради несолвентност во август 2020 година беше отворена стечајна постапка“.

Од Македонската банкарска асоцијација (МБА), пак,  ги оценија како крајно неосновани наводите за банкарскиот сектор изнесени на прес-конференцијата и побараа да бидат отфрлени сите дезинформации и инсинуации кои се изнесуваат во јавноста за банкарскиот сектор и поединечни банки бидејќи, како што наведоа, заради остварување на некои други интереси и нечии лични битки, свесно или несвесно, се прави обид за загрозување на нешто што е од јавен интерес на секој граѓанин, секоја компанија, секоја институција во оваа земја.

Од Јавното обвинителство на Република Македонија денеска во соопштение, како што наведоа, „во врска со наводите и извештајот презентирани на прес-конференцијата од неколку лица, меѓу кои и едно осомничено лице во врска со стечајот на „Еуростандард“ банка“, нагласија дека ЈО е единствено надлежно да донесува наредба и да спроведува истражна остапка.

– Дел од наводите од оваа „приватна или независна истрага“ беа истражувани во предмети по кои постапуваше Јавното обвинителство и за кои, во согласност со доказите, донесе мериторна јавнообвинителска одлука, наводоа од ЈО.

Во врска со стечајот на „Еуростандард банка“, како што стои во соопштението, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, соопшти дека ја испитува одговорноста за стечајот, при што по проверките кои беа направени и кои упатуваа дека банката не постапувала по бројните мерки изречени од страна на Народната банка и доставувала неточни извештаи до Народната банка, надлежниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири одговорни лица од Еуростандард банка за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Предизвикување стечај на банка по член 181 ст.1 од Законот за банки и продолжено кривично дело – Перење пари и други приноси од казниво дело по член 273 ст. 6 во врска со член 45 од Кривичниот законик. Истрагата, информира ЈОРСМ, во овој предмет е во тек, а по нејзиното завршување обвинителството ќе донесе соодветна јавнообвинителска одлука.

Завршување на истрагата и одговорност за случајот „Еуростандард банка“ денеска повторно побараа и од Здружението ан оштетени штедачи во банката.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.