Врсничкото насилство претставува всушност форма на агресивно однесување кое што е насочено кон едно или група на ученици. Причините за врсничко насилство и воопшто една личност да стане насилник се многу, но оние кои што се најдоминантни и се најзастапени и најсилни се токму оние од основната клетка од општеството, т.ес од семејството. Едно дете кое што е растено и по модел на учење сведочело на насилство огромна е шансата дека ќе биде и самото насилник. Тоа најчесто се дечиња кои не се воспитувани во насока да ја препознаваат, да ја градат кај себе како црта на личност емпатијата, тешко ги разбираат чувствата на другите, се дечиња кои што исто така и каењето како црта на личност не име доволно развиено и се дечиња кои што имаат потреба да ги контролираат останатите. На другата страна, односно на страната на жртвата според модел на учење и тие најчесто имаат некоја улога на жртва во семејството, тоа се поинтровертни дечиња, по молчеливи, дечиња кои што имаат можеби и поголема страв и помала самодоверба, па тешко се охрабруваат да признаат дека се жртва на насилство, вели Николина Ивановска Котевска, дипломиран психолог на денешната трибина насловена „Меѓуврсничко насилство: превенција и сузбивање“ во организација на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Ивановска Котевска истакна дека постои физичко насилство преку буткање, ударање, невербално насилство кое е тесно поврзано со емоционалното, психолошкото насилство кое се манифестира преку исмевање и она што е посебно актуелно во периодот сајбер насилството со кое што екстремно тешко се справуваме како општество.

На трибината се обрати и универзитетскиот професор Денко Скаловски кој рече:

Уште пред повеќе децении и пред масовната појава и употреба на мобилните телефони и дигиталните мас медиуми и социјалните мрежи воопшто светски познати и признати аналитичари, теоретичари и хуманисти предупредуваа на оваа опасност од создавање ново големо светско зло. Една од последните форми на тоа светско зло на модерната технолошка и милитаризација цивилизација, го дефинираме како сајбер булинг или врсничко насилство кое се врши преку компјутер или мобилен телефон.

Скаловски додаде дека треба што побрзо да се донесат ригорозни закони за сузбивање и ограничување на употребата на мобилната телефонија во воспитно образовните институции.

Елементарна морална должност и задача на политичките субјекти имено политичките партии е да го спречат остварувањето на оваа негативна утопија или дистопија затоа што одговорноста за иднината на нашите деца ја имаме ние денешните генерации, без разлика на приврзаноста кон идеолошки политички и партиски програми. Со други зборови, јас лично сметам дека што побрзо треба да донесеме ригорозни закони за сузбивање и ограничување на мобилната телефонија во воспитно образовните институции. Но, треба да избегнуваме и премногу дневна, краткорочна и парцијална политика и да го гледаме општиот и долгорочен интерес на нашето општество и нашата држава, и на нашите деца и следните поколенија да им овозможиме достоинствен, убав , здрав, долг и среќен живот. Но, не таму некаде низ светот, туку пред се овде во Република Македонија, дециден е Скаловски.

Она што јас мислам е дека добар пристап е да го ограничиме дејствувањето на екстремистички и радикални групи кон децата. Да можеме колку што може нашите деца да ги заштитиме до колку може поголема возраст да не бидат жртви, бидејќи децата и младите се најранлива категорија, а овие кои се од другата страна на мониторот се лица кои се врвно обучени да ги искористат сите слабости, истакна деканот на факултетот за детективи и криминалистика при Европскиот универзитет во Скопје Александар Нацев.

Нацев нагласи дека сериозно треба како држава да се занимаваме со безбедносниот систем.

Радикализацијата може да се спречи навреме, таа не настанува преку ноќ, тоа е процес каде нема заедничка формулација и секој случај за радикализација е засебен, кажа Нацев.

Свое обраќање имаше и универзитетската професорка и пратеничката Иванка Василевска која се осврна на раната превенција на булингот и социо-економските причини за појава на агресија кај младите за што рече дека една од главните причини за ваквата негативна појава е немањето на сенс за развивање на емпатија кај младите уште од најрана возраст.

„Сите ние педагозите знаеме дека секоја индивидуа е посебна и има различен тип на развој, различно се развива емоционалната интелигенција. Некои деца се интровертни, некои екстровертни, а некои имаат комбинација од двете архетипски типологии. Секако еден особено значаен момент кој се помалку го има и кај нас повозрасните е немањето на сенс за развивање на емпатија кај младите уште од најрана возраст. Таа емпатија ние ја добивавме кога бевме помлади, тоа е мојот впечаток, од нашите баби и дедовци, но денеска во денешно време кога нив најчесто ги нема во сликата, родителите играат свесно или несвесно, голема улога во развивањето на психофизичкиот развој на секоја млада индивидуа. Тој мост помеѓу семејството, родител, старател и образовниот процес, предучилишна возраст, основно, средно, па и на факултет кога ќе дојдат е особено значајна доколку се направи хармонија помеѓу истата, во голема мера самото општество може да ги згрижи овие индивидуи или навреме да превенира во недај боже несакани последици“, истакна Василевска.

Тоа што се случува како проблематика и феномен на меѓуврсничко насилство во детството, во младоста има силна рефлексија потоа во светот и животот на возрасните, вклучително во работниот однос. Оттаму работниот однос не можеме да го гледаме само како правен феномен, како свет регулиран со правни норми, закони, колективни договори, правилници. Трудот има своја подлабока феноменологија и тоа опфаќа психолошки и социолошки аспекти. Психологијата на трудот и социологијата на трудот се би рекол дури и побитни компоненти, од правните аспекти од неговата регулација, затоа што тие се внатрешниот живот, секојдневието, објасни Лазар Јовевски, професор и претседател на Комисијата за труд и социјална политика, еднакви можности и демографија на ВМРО-ДПМНЕ.

Јовевски посочи дека какви деца ќе се градат таква слика ќе се гледа во светот на трудот, укажувајќи дека мобингот, сексуалното вознемирување на работното место и дискриминаторско однесување извира токму од младоста.

Какви деца ќе гради, такви ситуации и слики ќе гледаме потоа во светот на трудот. Психолошкото вознемирување односно мобингот, сексуалното вознемирување на работното место, дискриминаторското однесување, извира од некаде а тоа е токму од младоста од детството. И сите вие кои сте биле жртви на психолошкото однесување согласно сфаќањата на шведските психолози всушност сте се соочиле со ликови кои што се насилници и кои што вршат терор, кажа тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.