Mинистерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во пресрет на сенародниот собир на МПЦ рече дека Законот за родова еднаквост, кој се уште не е ниту во владина процедура, има една единствена цел – да ги унапреди правата на жените.

Со Законот за родова еднаквост ќе се подобри положбата на жените во општеството, а со Законот за матична евиденција трансродово лице ќе може да се запише во матичната книга во родот во кој смета дека припаѓа.

„Не губиме ништо од она што во моментот го имаме како право. Признавањето на правото на одредена заедница не значи дека останатите губат некакви права. Напротив, тоа покажува дека државата има демократски капацитет и дека се грижи за сите граѓани, за сите заедници во општеството. Протестот е легитимно право на секој. Меѓутоа, легитимно право е да биде кажана вистината за двата закони“, вели Тренчевска.

Според неа, со него се регулираат механизмите, како Секретаријатот за родова еднаквост, кој ќе надгледува дали надлежните еднакво ги третираат мажите и жените.

Вистината за Законот за родова еднаквост е дека со него ниту се третира менувањето на полот, ниту се третираат истополовите бракови, туку единствената област на која е фокусирана е положбата на жените и еднаквите можности на мажите и жените, вели Тренчевска.

Измените на Законот за водење матична евиденција е практично тој кој е поспорен бидејќи го регулира правното признавање на родовиот идентитет. Поднесен е од група пратенички од владејчакото мнозинство, но без да се консултираат со пратеничките групи.

Станува збор за два различни закони коишто третираат различна материја. Законот за матична евиденција го третира родовиот идентитет, односно можност на лице коешто е трансродово лице да може да ја смени дознаката во матичниот број, онаму кадешто се обележува родот, односно женски или машки род, рече Тренчевска.

Амбасадорката на Шведска во земјава вели дека родовата еднаквост е клучна за развојот на една држава.

Лекцијата од нашето патување е дека родовата еднаквост е многу важна за индивидуата, многу важна за општеството во целина, за економијата и просперитетот на државата. Жените често се вешти и многу образувани во своите професии и се потребни на пазарот на труд. Но за да се изгради општество подобро за сите, мора да бидат дел од процесите на носење демократски одлуки, рече амбасадорката Ами Ларсон Јаин.

Носењето на двата закони беа главните барања на Парадата на гордоста која се одржа во саботата во Скопје. Токму овие барања беа причина црквата за првпат да организира протест.

Македонија има напредок во индексот за родова еднаквост, и тоа за 2,5 поени за четири. Во извештајот, сепак се вели дека темпото на прогресот е многу бавен и ќе бидат потребни 57 години за да се постигне родова еднаквост. Македонските жени, споредено со тие во ЕУ, имаат помалку пари и помалку време.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.