Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска вели дека за предлог законот за родова еднаквост дијалогот продолжува се до оној момент кога, како што вели, ќе се добие конечно, усогласено и квалитетно решение, поткрепено со заштитни механизми, без правни празнини.

Тренчевска во гостување на ТВ Сител вечерва појасни дека законот е работна верзија и во фаза на консултација со сите заинтерсирани. Досега се одржале осум јавни дебати со кои биле опфатени сите региони во државата, а присуствувале голем број  заинтересирани страни, координаторите и комисиите за еднакви можности на жените и мажите на локално ниво, претставници на локални здруженија на граѓани како и жени пратенички.

Овие јавни дебати, посочи, се со цел, оставање простор за искажани мислења, ставови, сугестии и предлози кои ќе бидат во насока на подобрување на законското решение.

Дијалогот продолжува се до оној момент кога ќе добиеме конечно, усогласено и квалитетно законско решение, кое нема да остава простор за дилеми околу толкувањето, поткрепено со заштитни механизми, без правни празнини. Остваривме средба и со отец Јаков од Струмичката епархија разговаравме за предлог законот и верувам дека дилемите се расчистени, рече Тренчевска.

Како што потенцира, целта на законот е да се обезбеди остварување на потполна родовата еднаквост, преку зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството, еднаков пристап до ресурси и еднакво учество во донесување на одлуки во сите сфери на општествено живеење .

Тенденцијата на овој закон е да се надминат пречките и недостатоците во ефикасното обезбедување на еднаквост и елиминирање на стереотипите во општеството. Треба да градиме општество во кое нема да се поставува прашањето: Дали жените треба да бидат во процесот на одлучување и прашањето за жена премиер, рече Тренчевска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.