Нашиот успех се мери со степенот на подобрување на животот на жените, порача денеска претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Јована Тренчевска во Кавадарци, по одржувањето на марш, по повод меѓународниот ден на жената, 8 Март.

– Успеавме да го зголемиме значително бројот на жени на одлучувачки позиции на централно и локално ниво. Денес зборуваме за 50/50 учество на жената во политиката. Отворивме и решивме бројни прашања кои беа  табу тема во општеството. Гласно проговоривме за насилството врз жените, ја унапредивме состојбата со репродуктивното здравје на жената, се изборивме самостојно жената да одлучува за своето тело, да станува економски се понезависна и да стане активен чинител во креирање на прогресивните политики во земјата.
Од скромни бројки дојдовме до видливо респектабилни резултати.
Така од седум жени пред 25 години, денес имаме 51 жена во парламентот, рече Тренчевска.

Таа нагласи дека во Владината коалиција, од вкупно 10 министри на СДСМ, има пет жени министерки, клучни институции во државата денес се раководени од жени, се поголем е бројот и на жени менаџерки кои успешно раководат и  се справуваат со сите економски предизвици. Тренчевска подвлече дека е унапредена положбата и на жените од рурални средини.

– За прв пат во историјата на државата воведовме право за надоместок за мајчинство на жената земјоделка. И не само тоа, успеавме да обезбедиме пристап до многу фондови со кои жената земјоделка станува понезависна и вклучена на пазарот на труд. Од 8.000 денари ја зголемивме минималната плата на 22.500, од што најголем бенефит имаат жените работнички во текстилната и кожарската индустрија. Континуирано создававме услови за поголемо вклучување на жената на пазарот на труд преку изградба на нови градинки на цела територија на државата, за што зборува фактот дека во изминатите шест години отворивме 83 нови градинки и за прв пат во голем број на рурални средини, додаде таа.

Тренчевска посочи дека годинава се одбележуваат 80 години од формирање на АФЖ и 25 години од формирањето на Форумот на жени на СДСМ.

– И  неслучајно сме овде во Кавадарци, град синоним на почетоците на формирањето на АФЖ. Имено во Кавадарци во пролета 1943 година е оформена првата група на организирани жени борци, кои ги поставија темелите на женското движење. Во декември 1944 година АФЖ е конституирано и се рашири мрежата на женски организации ширум земјата, рече Тренчевска.

Таа искажа благодарност до сите кои се вградија во борбата за поставување на темелите на државата и во дефинирање на новата улога на жените во општеството. Тренчевска упати порака за обединување на сите жени без разлика на политичка, етничка или било каква припадност, да се продолжи борбата за зачувување на постигнатото и продолжување до целта, еднаквост на жените и мажите во општеството. Да се избере патот што ќе донесе прогрес за жените, нивна поголема видливост, препознатливост, вклученост и еднаквост.

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски рече дека инвестирањето во родовата еднаквост, во жените, носи само добро за државата, носи побрз развој, носи прогрес, носи подобро општество за сите, зајакнувањето на жените и општествениот и економски раст на државите се тесно поврзани.

– Во мојот мандат како премиер, министрите од СДСМ беа 50 отсто жени, а имавме висока застапеност на жени на раководни позиции, на што сум исклучително горд. Мојот кабинет беше 90 проценти составен од жени. Тоа што имав успех во мојот прв мандат, можам без ниедна задршка да кажам дека се должи и на тоа што жени имаа клучни улоги, на клучни позиции, во клучни моменти. Затоа, во вториот мандат, планирам да го задржам истиот принцип и да направам и уште повеќе, затоа што сакам што побрзо да дојде денот кога ќе ја имаме првата премиерка или првата претседателка на државата од нашите редови, денот кога жените ќе бидат еднакво застапени секаде, денот кога девојките и жените ќе се безбедни и слободни да бидат тоа што се и да придонесуваат подеднакво за подобар живот за сите, нагласи Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.