Поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски денеска во својство на сведок на одбраната беше сослушан на рочиште во предметот „Плацови на Водно“, на кое рече дека експремиерот Никола Груевски не побарал од него или преку друго лице урбанизација на парцели на Водно.

Не ми кажал дека има плацови на Водно. Не ми кажал дека има и станови на улица „Бихаќка“, рече Трајановски, пренесе МИА.

Тој рече и дека не му е познатото местото викано „Шербетница“’, на Водно каде се наоѓаат спорните плацови.

Од страна на обвинителката Лиле Стефанова Трајановски беше прашан дали претходно во ОЈО Скопје, бил сослушан како обвинет за донесениот Генерален урбанистички план (ГУП). Одбраната на обвинетиот реагираше на вака поставеното прашање со образложение дека на овој начин обвинителството сака да го исплаши сведокот.

Во „Плацови на Водно“ Груевски е првообвинет и му се суди во отсуство. Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милиони евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик, односно Груевски.

Покрај Груевски, обвинети се бизнисменот Орце Камчев, неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.