Лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов попладнево во врска со францускиот предлог изјави дека идејата не била да ја „срушат“ Владата, туку за да спречат загрозување на стратешките интереси.

– Мислам дека ние сме дел од тие партии кои не го поддржаа предлогот, ако нешто направивме е тоа дека спречивме да бидат загрозени нашите стратешки интереси, апсолутно не држи тоа дека идејата беше да ја срушиме Владата, рече Трајанов во „Само интервју“.

Трајанов смета дека било подготвено сценарио државниот врв да не објавува што усогласиле со Бугарија и поради тоа излегле со став оти францускиот предлог е неприфатлив.

– На 19 јуни кога Ковачевски ги собра лидерите на владините партнери на која средба се очекуваше да се разговара за францускиот предлог, таму беше кажано дека се уште не е добиено таков предлог, мислам дека се работи за подготвено сценарио, државниот врв да не објавува тоа што се усогласила со Бугарија и затоа ние излеговме со став дека предлогот е неприфатлив и дека ги загрозува нашите интереси, рече Трајанов.

Тој вели дека тие практично го отфрлиле предлогот и појасни оти за него требало да се иницира расправа во Парламентот. Според Трајанов, сите барања на Бугарија на суптилен начин биле вметнати во предлогот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.