Факт е дека затекнавме хаос, револтирани граѓани и изгубено достоинство. Со макотрпна и посветена и организирана работа го решивме проблемот со издавање лични документи. Нема веќе гужви со часови. Во насока на доближување на условите на МВР до граѓаните и остварување на нивните права, отворивме канцеларии на управни служби во Општина Јагуновце и Матејче и во идниот период ќе се отворат повеќе такви канцеларии секаде каде што немало за граѓаните полесно о побрзо да ги остваруваат своите права и полесен и побрз пристап до нашите услуги, истакна денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција по повод 100 дена од новата Влада.

Во насока на унапредување на условите на условите за работа и градење на задоволна и ефикасна полиција министерот, Тошковски го потенцираше почетокот на целосното реконструирање на Центарот за обука на МВР, планот за изградба на нови полициски станици и преземање на напуштени и неискористени објекти и нивно профункционирање, како и отворањето на новиот Регионален К9 центар за обука и сертификација поддржан од мисијата на ОБСЕ.

Во наредниот период најавувам ново средно полициско училиште. После прва и втора година средно образование, идните млади полицајци трета и четврта година ќе можат да ги поминат во рамки на средното полициско училиште коешто ќе биде лоцирано токму во центарот за обука. Овој тренд е имплементиран и во земји од ЕУ бидејќи нашите анализи покажуваат дека професионалниот капацитет на полициски службеници коишто биле едуцирани во рамки на средно полициско училиште е далеку повисок така што ова ќе биде еден од основните фокуси на МВР во следниот период, потенцираше министерот.

Тој посебно го нагласи проблемот со немањето на соодветни полициски униформи за полициските службеници и истакна дека веќе интензивно се работи за набавка на нови практични и квалитетни полициски униформи.

Се надевам дека веќе следната година сите полициски службеници ќе можеме да ги облечеме, во соодветни, практични и достоинствени полициски униформи какви што тие заслужуваат, а граѓаните очекуваат од својата полиција, дециден беше министерот Тошковски.

Тошковски ги истакна и одлуките за исплаќање на финансиски средства за хранарина за подолга работа од три часа во ноќна смена, што во минатото предизвикувало генерирање огромен број тужби против министерството и промена на колективниот договор за финансиска награда за новороденче и кон полициските службеници од машки пол со тоа надминувајќи ја дискриминацијата која била правена порано со награда само на вработените од женски пол.

Во делот на дигитализација на процесите кој е еден од главните фокуси како на министерството така и на Владата, министерот ги истакна проектите како мобилната апликација „Џастис РБН за родово базирано насилство“ за постапување на полициските службеници по случаи за родово базирано насилство, новиот софтвер за менаџмент на воздухопловни полициски операции и меморандумот за користење на системот „Безбеден град“ со над 220 надзорни камери во Кавадарци.

„Зголемено присуство на полицијата, побезбедни граѓани“ е мотото под кое МВР работи за обезбедување на граѓаните како на Скопје, така и на државата со цел доведување на безбедносната состојба на ниво на кое е задоволителна.

Граѓаните на државата, а посебно на Скопје се сведоци на унапредување на безбедносната состојба во изминатиот период. Имавме голем број на спроведени акции во овие 100 дена, со голема успешност, констатирани прекршоци. Имавме и голем број приведени лица, лица барани со потерници, лица избегани од затвори или сториле одредено кривично дело. Сето тоа беше верификувано со голем број кривични и соодветни пријави и оваа акција даде многу добри резултати и ќе продолжи и во иднина, нагласи министерот.

Во борбата со пожарите, Тошковски нагласи дека и покрај уништениот систем од претходно, сепак хеликоптерската единица на МВР е главниот столб во делот на справувањето со пожарите кои беснееја ова лето.

Хеликоптерите на МВР имаат над 350 летечки часа во текот на летото со исфрлени над 3400 тони вода без пожарите. 10 часа беа остварени во реализирани седум потраги и спасувачки акции и имаме два медицински лета 15 летачки часови, акцентираше Тошковски.

Реферираше и за борбата со криминалот и корупцијата и во полициските редови, бидејќи, како што рече, граѓаните заслужуваат чесна и професионална полиција која ќе се бори со криминалот и ќе ја обезбедува нивната безбедност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.