Од СДСМ денеска реагираа на веста дека поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани од Косово, кој минатиот месец беше уапсен на косовско-македонската граница врз основа на потерница од Интерпол издадена на барање од Србија, избегал од куќен притвор од домот на роднини во земјава. Според нив, Панче Тошковски е големо разочарување на позицијата министер за внатрешни работи, бидејќи „откако е дојден на оваа функција веќе повеќе од шест месеци, државата е претворена во Хотел Промаја, а криминлаците бегаат како ќе им текне“.
Вчерашното бегство на Блерим Рамадани, човек баран со меѓународна потерница е уште еден во низата настани кои потврдуваат дека МВР под Тошковски нема контрола над државата. Прашуваме како е можно да се дозволи бегство на затвореник баран со меѓунардона потерница? Дали дозволи да избега или е крајно неспособен да зачува криминален кој е меѓународно баран? Тошковски исто не одговори, како е можно само пред неколку дена други десет затвореници да избегаат од Шутка? Во текот на вчерашниот ден се сподели и видео на социјалните мрежи каде во сред бел ден се врши грабеж во центарот на Скопје а МВР нема информација дали го лоцирала сторителот. Се случија шест убиства и обиди за убиства за кои нема разрешница освен за едно. Државата за шест месеци со Тошковски на чело на МВР се претвори во Див Запад и нема никаква одговорност. Тошковски треба да е доблесен и да си замине од функцијата, велат од СДСМ.
Министерот Тошковски, пак, смета дека вистинското прашање треба да биде – Зошто судот одлучил да го стави лицето во куќен притвор наместо во ефективен притвор?
СДСМ уште еднаш покажа дека наместо да се фокусира на вистинските проблеми и да понуди конструктивни критики, избира да обвинува само за да обвини.
Во случајот со бегството на Блерим Рамадани, вистинското прашање треба да биде зошто судот одлучил да го стави лицето во куќен притвор наместо во ефективен притвор. Познавам писмени правници и во СДСМ кои ја разбираат поделбата на власта и знаат дека МВР и судот се различни институции, но жално е што раководството на СДСМ и нивната ПР служба ги игнорираат овие факти и обвинуваат за да добијат ситни политички поени.
Со ваквите празни обвинувања, СДСМ само признава дека нивната некогашна власт ја оставила државата целосно руинирана. Меѓутоа, да се префрли вината за сѐ на новата влада е манипулација со јавноста.
МВР во овој случај постапи согласно законот и максимално професионално. Лицето беше предадено на судот по барање на Интерпол, што е во согласност со позитивните законски прописи. СДСМ да престане со празни обвинувања, а ние и понатаму ќе бидеме фокусирани на вистински решенија за подобрување на состојбата во државата.
Изборите на 8 мај беа јасна порака од народот – СДСМ доживеа историски најлош резултат. Наместо да ја разберат пораката и да се посветат на вистинските прашања, тие продолжуваат со истите стари тактики. Време е да се соочат со реалноста и да сфатат дека народот не заборава кој ја остави државата во ваква состојба, вели министерот Тошковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.