Mинистерот за внатрешни работи Панче Тошковски на Фејсбук објави дека Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје поднел кривична пријава против полицискиот службеник З. Ц. и против правно лице – агенција за обезбедување, на која тој е сопственик и управител, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и распрскувачки материи, казниво по член 396 од Кривичниот законик.
На 26.12.2023, со судска наредба, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Скопје извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле две ловечки пушки „црвена застава“, ловечка пушка „бенели арми“, ловечки карабин „бровинг“, ловечка пушка „берета“, четири кутии со барут, четири кутии со сачми, алат за изработување ловечки патрони, 36 куршуми во разновиден калибар и 22 ловни патрони. А при претрес во просториите што ги користи неговото правно лице биле пронајдени и одземени пиштол „чешка зброевка“, пушка „крико“ и пушка „берета“–објави Тошковски.
Исто така, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе предлог за поведување постапка за потешко кршење на работниот ред и дисциплина по член 210 од колективниот договор и во согласност со член 214 од колективниот договор на МВР донесено е решение за отстранување на З. Ц. од работното место до донесување решение во дисциплинската постапка. 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.