Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Центарот за обука на МВР, во организација на Македонскиот полициски синдикат учествуваше на трибина „Злоупотреба-закана за губење на права“ каде заедно синдикатите, раководството на МВР и полициските службеници разговараа на тема за унапредување на правата на полициските службеници дефинирани во колективниот договор, но и губење на истите при нивна злоупотреба.

Како што информираат од МВР, дел од дискусијата бил посветен на забележаната појава на злоупотреба на привремената спреченост за работа поради болест, која според министерот мора да се пресретне со дефинирање на точните услови за користење.

-Утврдување на точен процент на надоместок при користење на надоместок за привремената спреченост за работа поради болест, кој што ќе ги мотивира полициските службеници да одат на работа. Треба да дефинираме обврска во рамки на законската регулатива која што ќе не води кон професионалност во работењето на сите полициски службеници, потенцирал министерот Тошковски.

Тој зборувал и за трошоците кои Министерството ги плаќа по основ на судски постапки иницирани од страна на самите полициски службеници при ускратување на некое нивно право.

-Една од приоритетните работи кои што се обврзавме да ги направиме уште на стартот е да ги намалиме трошоците кои што Министерството ги плаќа по основ на судски постапки и ветувам дека ќе го направам тоа. Се надевам дека до крај на мандатот ќе ги сведеме на минимум тужбите кои што се процесуирани од страна на полициските службеници спрема Министерството, рекол министерот Тошковски.

На дискусијата министерот за внатрешни работи говорел и за унапредување на правата на полициските службеници кои се планираат со новите измени на Законот за полиција и Законот за внатрешни работи и новата систематизација на Министерството како воспоставување јасен систем за кариера, ефикасен систем на обуки, влегување на минималната плата во пресметка во платата на сите полициски службеници, планот за набавка нови униформи, нови возила, опрема и унапредување на сите услови за работа во министерството со цел креирање на задоволни полициски службеници кои ќе ги унапредат услугите и безбедноста која им ја овозможуваат на своите граѓани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.