Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Република Србија Ивица Дачиќ денеска се сретнаа во СВР Куманово каде разговараа за продлабочување на соработката, намалување на метежот на граничните премини, справување со миграцијата, заеднички патроли и меѓусебна поддршка. Двајцата оценија дека средбата помеѓу тимовите е успешна, како и соработката помеѓу двете министерства. Во однос на илегалната миграција, двајцата министри се согласија дека е потребна, организациска, техничка помош од ЕУ.

– Кумановчани ни беа домаќини на оваа работна средба при што ги констатиравме фазите до коишто е стигнато од сето она што го имавме преземено во рамки на последната официјална моја посета на Република Србија. Разговаравме за сето она што е поврзано помеѓу двете полиции од аспект на тековната соработка, која е одлична и можеме само да ја продлабочиме понатаму со сите оние оперативни соработки коиги имаме. Разговаравме исто така во насока на подобрување на транзитот на нашите граѓани на граничните премини за тоа што договорено е во рамки на техничките/работните групи коишто се формирани да се одржуваат континуирани состаноци. Наредната недела нашите информатички служби ќе имаат состанок со информатичките служби на Република Србија. Овој проект е доста значаен и за Македонија и за Србија, така што мислам дека мораме да имаме континуирани ангажирања во рамки на негова реализација. Разговаравме за сите оние заеднички соработки што ги имаме како во делот на обука, така во делот и на идни обуки кои би ги имале евентуално. Така што накратко можам да констатирам дека оваа работна средба помина одлично помеѓу двата тима на министерствата за внатрешни работи, изјави Тошковски.

Вицепремиерот и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, кажа дека биле успешни и претходните средби во Белград и на граничниот премин Прешево-Табановце. Нивна цел, рече е решавање на проблемот со метежот на граничниот премин. Тој во изјавата за медиумите потсети дека и претходно се разговарало за преминуавње на границите со лична карта, намалување на метежот, но дека секогаш постои можност за усовршување за да се надимне проблемот за граѓаните. Двајцата министри се надеваат на поддршка од ЕУ, организаски, технички, финансиски при справување со илегалните преминувања.

-За тоа разговаравме и минатиот пат и се договоривме да седнат луѓето и да видат што треба да се преземе за тоа да не им претставува пречка на граѓаните. Претпоставувам дека и вас овде ве прашуваат вашите граѓани како и нашите кај нас колку се чека на граничните премини и тоа станува сериозен проблем. Вие знаете дека ние овде и сите во регионот се соочуваат со голем проблем со миграцијата. Ние оваа година имавме околу 7.000 спречени илегални преминувања на нашата граница. Навистина многу направивме вкупниот број на илегалните мигранти да се намали и добивме пофалба за тоа и од страна на Европската комисија и од ЕУ. Но, и Македонија и Србија го имаат тој проблем, а тоа дека нас мигрантите ни доаѓаат всушност од Европската унија. Целата ЕУ се жали дека доаѓаат мигранти од други краеви во ЕУ, а ние имаме специфична ситуација да ни доаѓаат токму од ЕУ. Така што, ЕУ мора да ни помогне да го решиме тоа прашање. Тоа прашање некогаш е и организациски, и физички и финансиски. Потребни ни се финансии за реализација на овие проекти, потребна ни е логистичка помош во смисла на опрема за такво нешто. Кај нас има, не знам како е кај вас, ние на границата со Македонија имаме 23 полицајци од Унгарија и 25 полицајци од Австрија кои помагаат да биде подобра ефикасноста, изјави Дачиќ.

Во однос на меѓусебната соработка, Дачиќ ја истакна претходната соработка со министерот Тошковски и двете министерства за формиарње на мешани патроли во Охрид во туристичката сезона, за поддршката при справуавњето со вонредната состојба со пожарите во државава. Двајцата, како што посочи во изјавата разговарале и на други теми како што борба против тероризмот и криминалот, за борбата против мигрантите, со трговија на луѓе, шверц со дрога и наркотици, во борбата против општиот криминал, како и за брза размена на информации во борбата против тероризам. Во иднина Дачиќ оекува соработката да стане секојдневна и вообичаена во интерес на граѓаните.

Одговарајќи на новинарски прашања, Дачиќ рече дека најголем процент од илегалните преминувања кај нив се од соседна Бугарија.

– Најмногу доаѓаат од Бугарија. Повеќе од 50 проценти доаѓаат од таму, некаде малку повеќе од 30 отсто доаѓаат од Македонија. Јас сега не знам дали кај вас доаѓаат од Грција или од Бугарија, но кога ќе го видите тоа, вие веднаш гледате дека од тој правец и еден мал дел кој доаѓа од Романија, но сакам да кажам највеќе од Бугарија и кога ќе го видите тоа и кога ќе го споите со оние кои доаѓаат кај вас вие всушност гледате дека 80 или 90 отсто од луѓето доаѓаат од Бугарија и Грција, рече Дачиќ.

Министерот Тошковски посочи дека најмногу илегални преминувања кај нас има од Грција и истакна дека и досегашната и идна помош е ЕУ е добредојдена.

– Македонија исто како и Србија е дел од рутата на илегалната миграција. Ние сме транзит земја како што е и Србија и најголем дел од илегалните мигранти коишто влегуваат во Македонија се исто така од нашиот јужен сосед, односно од Република Грција. Така што тезата којашто ја кажа мојот колега е за жал иста и со Македонија, односно и во Македонија илегалните мигранти влегуваат од земја членка на ЕУ. Помош е потребна во овој дел и ја добиваме. Слободно можам да кажам огромна благодарност до ФРОНТЕКС коишто се поставени на јужната граница и помагаат значително во рамки на сето она коешто значи работа на гранична полиција. Но, секогаш поддршката е добредојдена особено во делот на имплементација од аспект на технички решенија коишто ни се потребни и тоа како – ја добиваме, но секогаш би било подобро кога би имале што повеќе технички средства коишто би ни биле ставени на располагање. Така што, во иднина мораме да се фокусираме поорганизирано, технички поподготвено, со човечки ресурси поподготвено се со цел да можеме да одговориме соодветно на овој тип на предизвик, рече Тошковски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.