Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска порача дека кога станува збор за вработувањата и назначувањата во институциите, но и генерално, во сите општествени сфери, приоритет мора да бидат знаењето, капацитетот и професионалноста, а не етничкиот предзнак.

Како што нагласи на прес-конференција, одговорајќи на новинарско прашање колкав е бројот на Албанци на управувачите позиции во МВР, никогаш во животот не му значело дали е некој Македонец, Ром, Бошњак, Турчин или Србин, туку колку си ја знае работата и колку е професионален.

-Пред вас господинот што седи е Албанец и од мене е назначен за помошник министер, но не поради неговиот етнички предзнак, туку зашто има огромно искуство во МВР и огромен професионален капацитет. Од него очекувам да даде многу во она што ќе следи во насока на професионализација на полициските службеници. Кога зборуваме на тема МВР, професионални стандарди и потреба на граѓаните, не треба да зборуваме од аспект на етнички предзнак. Никогаш не ми значело кога одам на лекар дали докторот е Албанец, Ром, Бошњак. Макеодонец, Србин, Турчин, Англичанец,… Никогаш не ми значело кога одам на судење, дали судијата е Ром, Влав, Турчин, а секогаш ми значаело дали е професионален, колку знаење и капацитет има. Така треба да ги гледаме работите, рече Тошковски откако претходно се осврна на сработеното во изминатите 100 дена.

Потоа соопшти и конкретни бројки за етничката застапеност во Министерството.

-Во рамки на управните служби во Скопје 51,96 отсто се Македонци, 39,37 се Албанци, а 8,67 проценти се од друга националност. Во ОУР Тетово има 23,6 отсто Македонци, 66,29 проценти Албанци, а во ОУР Куманово 52,83 отсто Македонци, 45,28 отсто Албанци и 1,89 други националности. Мора да се фокусираме на професионалноста за добото на народот, подвлече министерот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.