Членот на заедничката Комисија за образовни и историски прашања меѓу Македонија и Бугарија, Петар Тодоров, вели дека од македонскиот дел на Комисијата биле изненадени кога слушнале дека во јавноста се пренесува дека на последниот состанок со бугарските колеги дискутирале за црковни прашања.
На средбите дискутираме за прашања поврзани со историјата на црквите од Средниот век, историјата на христијанството, тоа подразбира историјата и на Охридската архиепископија и дека нас не интересира како таа црковна институција средновековна е претставена во учебниците и таа тема беше предмет на дискусија и на последната 22-ра средба. Навистина бевме изненадени кога видовме дека во јавноста се пренесува дека дискутираме за црковни прашања, за црковниот статус на МПЦ-ОА, што не е наша намера, ниту сме имале намера да дискутираме за такви теми, вели Тодоров за Сител ТВ.
Тој изрази жалење што пласирањето на таквите дезинформации довело голем број луѓе да дискутираат, анализираат, да носат судови, вели, врз основа на нешто што не постои.
Прашањето што ние го отвараме е како се претставува историјата на Охридската архиепископија во 10-ти, 11-ти, 12-ти, 13-ти и 14-ти век, а не како се отвара прашањето за статусот на МПЦ Охридската архиепископија денес. И тука треба да се внимава, да не се доведува јавноста во заблуда, да не се манипипулира со нејзините чувства, тука мислам на македонскиот народ, оцени Тодоров.
Членовите на македонскиот тим на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија вчера преку соопштение до медиумите реагираа на, како што наведоа, некоректното информирање на јавноста за темите кои се предмет на дискусија во работата на Комисијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.