Премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски вечерва на трибината „Силно и одлучно кон иднината“ што се одржа во Велес најави намалување на цените на основните прехранбени производи.

Со последната мерка на Владата обезбедивме поевтина струја за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи. Резултатите веќе се евидентни, одредени производители ја намалија цената на лебот, а цената на маслото за јадење на одредени произведувачи е намалена и за 40 денари. Очекувам во наредните денови до 10 посто намалување на цените на основните прехранбени производи. Ова е време на одговорност, не е време за профит, порача Ковачевски.

Целта на Владата, потенцира Ковачевски, е конечно да ја победиме кризата, да почнеме да растеме, да го зголемиме животниот стандард и следната година да биде подобра од оваа.

Имаме добра основа за тоа. Предвидувањата на ЕБОР се дека македонската економија во следната година ќе има раст од 2.3 отсто. Многу повеќе од проекцијата за земјите од еврозоната која изнесува 0.3 отсто. Народната банка вели дека и оваа година ќе успееме да ја завршиме со раст од над 2 проценти. Нема недостижна цел, со многу работа со посветенот и реализација на економскиот план, следната година ќе биде година на економска пресвртница. И ова е одговор на едно од прашањата што ми беа поставени. Тоа ќе го постигнеме со реализација на политиките за инвестиции, со нови добро платени работни места, со инвестиции во капитални проекти и со енергетска транзиција со која ќе станеме зелен европски центар, истакна Ковачевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.