Кандидатот за претседател на државата од коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, оствари средба со лекари во Тетово, по повод Денот на здравјето – 7 Април. Претседателскиот кандидат посочи дека ќе се залага за децентрализација во здравството, како начин на поквалитетни медицински услуги за граѓаните.
– Имајте предвид дека тоа беше дел и од нашата програма и од пред четири години да имаме децентрализирано здравство односно да развиеме одредени центри, на пример во Тетово, во Струга, Охрид, коишто ќе бидат клинички центри, клинички болница, меѓутоа во права смисла на зборот кои ќе функционираат и ќе дадат одредени здравствени услуги на пациентите и граѓаните да не мора секој од пациентите од сите градови да одат сите во Скопје. Така да почнеме да децентрализираме и зборувавме и за другите предлози кои се интересни, кажани од нашите колеги, не само за медицина, фармацевтски, стоматолошки дел, изјави Таравари.
На новинарските барања за коментар на тоа што билборд од неговата кампања беше опожарен во Скопје, Таравари изрази надеж дека институциите на системот ќе утврдат што точно се случило.
– До сега кампањата е релативно коректна, освен што институциите на системот за жал, се политизирани и од тоа за жал не можеме да побегнеме. Дека има одредени притисоци врз луѓето, тоа е вообичаено, и не го сметаме за нешто, да речам вонредно, и нешто што не го предвидувавме. Се надевам дека институциите на системот ќе покажат и докажат што точно се случило. Знам само едно нешто дека јас не би го направил тоа на ниеден мој противкандидат, така што да се надеваме дека не е ништо намерно и смислено, рече Таравари.
Попладнево заедно со претседателот на Движењето Беса, Билал Касами, Таравари продолжи со средби со граѓани на Попова Шапка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.