Лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари денеска пред средбата со премиерот Димитар Ковачевски во Владата, изјави дека денеска за првпат ќе зборуваат за преговори со мнозинството во Владата.
Ќе разговараме за синхронизација на нашата програма со нивната. Ако можеме ова да го синхронизираме ќе продолжиме во следна фаза на преговори, евентуално можеби и кадровски – изјави Таравари пред средбата со Ковачевски.
Според него, првата и најбитна точка е пакетот на Алијанса за борба против корупција и криминал и функционирањето на државата.
За другите точки мислам дека е некоректно сега да зборувам пред да ги презентираме пред партиите од Владата – рече Таравари.
Претходно денеска, премиерот Димитар Ковачевски, по конференцијата „Година на нови можности“ информира дека ќе разговараат по однос на политичките и програмските определби за идна можна соработка.
На средбата со Таравари, како што посочи, ќе се разговара за евроинтеграциите, за носење одлуки кои значат побрзо и поефикасно справување со енергетската криза, како и носење реформски закони.
Тој најави дека денеска Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе одржи седница на Извршниот одбор на која ќе се разговара за актуелните прашања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.