В.Д. претседателот на Алијансата за Албанците (АА) Арбен Таравари денеска изјави дека во моментов нема преговори на неговата партија да стане дел од Владата. Сепак, АА, како што рече Таравари, ќе ги поддржи уставните измени и како опозоција со цел да бидат Бугарите дел од Уставот.

-Нема преговори, ако има ќе излеземе пред вас и ќе кажеме се што има. Ние ќе ги поддржиме уставните промени за вметнување на Бугарите, бугарскиот етникум во Македонија во преамбулата, без разлика дали ќе бидеме дел од Владата или ќе бидеме опозиција. Тоа сме го кажале од првиот ден, продолжуваме да го кажуваме истото. Кога ќе има преговори ќе ве известиме и ќе бидеме максимално транспарентни. Горе-долу политиките на Алијанса за Албанците ќе продолжат исто. Тоа сум го кажал неколку пати, ние сме во комплетна реорганизација на партијата. Одиме на терен постојано. Ќе бидеме конструктивна опозиција како што бевме и досега и ќе видиме како ќе ги продолжиме работите, меѓутоа во нашата програма која е последна од 2020 изборна програма, тие се политиките на АА. Не се очекува нешто во политики на АА да се смени, изјави Таравари од партиското седиште каде денеска ја поднесе кандидатура за претседател на партијата.

Новинарите побараа коментар од Таравари за изјавата на претставник на партијата Алтернатива дека АА ќе биде „резервна гума” на ДУИ ако биде дел од Владата.

Ние не сме резервна гума на ДУИ. Тоа сигурно тврдам, најдоговорно велам. Некој е во Владата таму гума, само не би сакал да коментирам понатаму, рече Таравари.

На прашањето дали ќе ги поддржат уставните измени и воедно дали ќе инсистираат да се тргне одредницата 20 отсто за албанскиот јазик, Таравари одговори дека се надева на почит од останатите партии по тоа прашање.

Нашата идеја била и продолжува да биде дека треба да се тргне тоа проценти и бројки и треба да се стави албански јазик. Јас мислам дека има разбирање од повеќето политички фактори, зборам за поголемите македонски партии. Тоа го имаат кажано и јавно дека не им пречи бројката и процентот да се смени со албански јазик. Ние очекуваме да покажат почит и респект према нас. И тоа да го спроведеме и тоа да биде дел од уставот.  Ја мислам дека 20 проценти ќе помине и сум оптимист и очекувам почит пред се од македонските партии, официјалниот јазик да не се нарекува јазик на 20 посто туку албански јазик. Се надевам дека ќе помине тоа, посочи Таравари.

В.Д. претседателот денеска поднесе кандидатура за претседател на партијата во канцеларии на партијата во Тетово. Претходно, претпладнево, на Вториот фоурм за локалната самоуправа во Скопје, Таравари изјави дека е можно да има противкандидати со оглед дека утре е крајниот рок за доставување кандидатури, две недели пред одржување на партискиот конгрес.

Таравари рече дека вчера почнал со собирање поптиси и, според информациите што ги има, веќе се собрани околу 2 000, а потребни се 400.

Планирам денеска во 14 часот во седиштето на Алијанса за Албанците во Тетово да ја поднесам кандидатурата. До утре има рок, можеби и некој друг ќе се кандидира, а на крај делегатите на конгресот ќе одлучат кој ќе биде партиски претседател, рече Таравари.

Според него, тенденцијата на АА е на следните избори да ја направи долгоочекуваната промена кај албанскот блок.

– Ќе видиме како ќе се случат работите. Нашите тенденции се следните избори да ја направиме долгоочекуваната промена кај албанскот блок. Албанците во земјава заслужуваат по 20-годишно владеење некој да ја смени ДУИ, а никој друг освен АА нема капацитет тоа да го направи. Се надевам дека ќе го постигнеме тоа, истакна Таравари.

На прашањето дали АА е во комуникација со други албански партии за формирање некаква сплотена опозиција која би ја тргнала ДУИ, тој одговори дека скоро нема друга опозициска албанска партија, освен БЕСА.

-Сепак сметам дека АА е столбот на опозиционерството на албанските партии, и по рејтинзи и по сите анализи стоиме убедливо најдобро и се надевам дека ние ќе бидеме тие што ќе ја донесат таа промена. Комуницираме, нормално, и со други партии, но навистина се минорни, кои сепак би ни требале за соработка. Ќе видиме, тоа ќе одлучиме кога ќе се доближат изборите, подвлече Таравари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.