Претседателот на Алијанса на Албанците Арбен Таравари денеска од Гостивар официјално најави дека ќе истрча во трката за претседател на државата како кандидат на Европскиот сојуз за промени. Тој на прес-конференцијата каде ја најави својата кандидатура рече дека дојде времето Македонија да има претседател Албанец, но не технички туку вистински.

Привилегија е да се има доверба од толку многу фактори. Дојде време државата да има претседател Албанец, не технички туку вистински, рече Таравари на прес-конференција во Гостивар, на која присуствуваат лидерите на трите партии од ЕСП, Изет Меџити на Демократско движење, Африм Гаши на Алтернатива и Билал Касами на Движење Беса.

Најави дека ќе побара поддршка од сите политички партии што сметаат дека тој е човекот што треба да ја предводи државата во следните пет години, како и од невладините организации, а како што рече, пред се, од народот кој е најважен за мене. Ќе се кандидира со доставување на 10.000 потписи, кои очекува да ги собере за два дена.

Предлогот е од пред еден месец, инсистирањето беше од пријатели, другари, истомисленици, седнавме со партиите од опозицијата, сега сме веќе заедничка албанска опозиција, во сабота ќе го официјализираме ова, и дојдовме до констатација дека најдобро би било јас да се кандидирам за претседател. Јас одлучив доцна синоќа да се кандидирам, рече Таравари, наведувајќи и дека ќе продолжи да ја извршува градоначалничката функција, како што посочи, додека не биде избран за претседател.

Одлуката ја донел синоќа. Смета дека ќе добие поголема поддршка.

Кандидатурата ќе ја пријават со потписи од граѓани. Градоначалникот на Гостивар очекува за ден-два да бидат собрани потребните 10.000 потписи за неговата кандидатура. На функцијата градоначалник ќе остане до неговата официјална кандидатура кога, според Закон, ќе мора да се повлече.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.