Една стара кинеска мудрост вели ако тоа што мислиш да го кажеш не е попаметно од молчењето, тогаш молчи.Нашиот премиер Димитар Ковачевски на панелот „Солидарност за глобална безбедност“ на Бледскиот стратешки форум одлучил да кажува, наместо да молчи. Впрочем, затоа и заминал на Блед, пишува Предраг Димитровски.

Но, наместо да зборува сериозни работи, како што му доликува на еден премиер, Ковачовски сигурно не можел да се ослободи од чувството на универзитетски професор, што не така одамна го манифестираше и пред студентите во Виена кога им ги продаваше своите „болс“. Па така и сега не можеше да се одвои од македонските студенти, кои студираат во Словенија, ама за да си го олеснат студирањето финансиски, истовремено работеле и како келнери во бледските кафулиња.

Одејќи долж ривиерата низ Блед се почувствував како да се наоѓам во Босна и Херцеговина, затоа што сите келнери доаѓаат од таму. Зошто? За повисоки плати. Видов и неколку македонски студенти кои работат во кафулињата. Кога ги прашав како им е, ми рекоа „ве молиме направете сѐ за да ја внесете нашата земја во ЕУ. Сакаме да се вратиме дома и да работиме во земја од Европската унија, но не овде, туку дома“, ќе рече меѓудругото Ковачевски.

Ете така, премиерот Ковачевски во својата пропагандистичка мантра за уставните промени навлезе и во светот на Сто и една приказна, Шехерезада, Браќата Грим, Мечето Ушко…

Види мајката, што би рекол неговиот претходник.

А, дали премиерот Ковачевски ги искористил средбите и разговорите со македонските студенти за да ги праша зошто тие, колку и да биле на број, одлучиле своите студии да ги запишат на словенечките, а не на македонските универзитети? Зошто го избрале универзитетот во Љубљана, на пример, наместо скопскиот „Св.Кирил и Методиј“, да не говориме за тој на Рамиз Мерко во Струга?-прашува Димитровски.

Штета што не ги прашал. Или можеби ги прашал, ама не му се допаднале одговорите и му било срам да ги спомене пред широкиот аудиториум во Блед?!

Не Таче, не душо, не е срамота јавно да признаеш дека со своите политики не си сторил ништо за да го подобриш квалитетот на образованието во својата држава, дека немаме ниту еден универзитет рангиран на Шангајската листа, дека само во Република Македонија се купуваат две работи-универзитетска диплома и возачка дозвола, дека младите и кога ќе ги завршат студиите дома се соочуваат со бескрајни глупости при вработувањето, што е партизирано до неподносливост, дека квалитетните млади паѓаат во сенка на шверцери со луѓе, кои стануваат директори на државни институции, дека повторувачи стануваат министри, дека…анализира Димитровски.

Е, кога ова јавно ќе го признаеш на Бледскиот форум, тогаш ќе имаш право да ги злоупотребуваш македонските студенти во Словенија, а до тогаш молчи, зашто сите не јаде твојот срам.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.