Судскиот совет на РСМ, на денешната 503 седница ги усвои одлуките на 11 судии поротници во Основниот кривичен суд – Скопје да им престанат функциите.

Претседателката на Советот, Весна Дамева нагласи дека на десетмина судии поротници законски им истекол мандатот за што е добиено известување од претседателот на Судот, а еден судија поротник поднел лично барање за престанок на функцијата.

На седницата беше разгледан и извештајот од спроведеното вонредно оценување на судиите, односно претседателите на судовите кои се кандидати за членови на Судскиот совет.

Објавен е оглас за избор на членови на Судскиот совет, и тоа еден член од редот на судиите од Апелационото подрачје – Штип и еден член од редот на судиите припадници на заедницата која е повеќе од 20 проценти од населението во Република Македонија од сите запишани судии во судскиот изборен именик. Помеѓу другите услови, за избор на член на Советот од Законот за судскиот совет е предвидено судиите да имаат позитивна оценка во работењето во вршење на судиската функција. Со оглед дека последното редовно оценување беше спроведено во периодот 2018/2022 година, неопходна беше потребата од вонредно оценување на кандидатите за што беше формирана комисија од редовите на членовите на Судскиот совет, како и комисии за увид и оцена на судии, истакна Дамева.

Најмногу време на денешната седница, Судскиот совет потроши на разгледувањето на добиените над педесетина претставки за работата на судиите и судовите во државата, при што најголем дел од нив беа одбиени како неосновани или, пак, Советот оцени дека не е надлежен за донесување одлука.

Членовите на Судскиот совет го усвоија и барањето за надомест на патните трошоци на судијка од Основниот суд во Штип, која со решение на Советот времено е упатена на работа во Основниот суд во Берово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.