До наредната седница ќе дадеме предлог за уставен судија од редот на судиите, информираше денеска претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска на годишната конференција во рамки на Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Република  Македонија (2021-2026) во организација на женевскиот Центар за управување со безбедносниот сектор (ДЦАФ).

Судскиот совет нема никакви надлежности во процедурата за избор на судии додека таа трае во Собрание. Единствена надлежност на Судскиот совет е од редот на судиите да предложи судија на Уставниот суд. Добивме допис од претседателката на Уставниот суд минатата недела и во најкраток можен рок, мислам дека и наредната седница, може да се случи да дадеме предлог од редот на судиите – појасни Црвенковска.

Претседателката на Судскиот совет во коментар за Извештајот на Европската комисија во однос на судството, рече дека го цени како добар и позитивен кој ги нотира и позитивните работи кои се случуваат во рамките на судството, но и дека ги нотира и негативните работи.

За Судскиот совет можам да кажам дека е добар и првпат Советот ја применува методологијата за квалитативно оценување на судиите, кое е основа за објективно оценување, а кое е основа и за еден објективен критериум при изборот на судии во повисок суд. Во тек е примената на методологијата, факт е дека малку се одолговлекува целата постапка, а се одолговлекува бидејќи самата методологија предвидува повеќе фази во кој што се врши оценувањето за на крај да се дојде до една реална, објективна ранг листа од која од сега па натаму ќе се избираат судиите во повисок суд – нагласи Црвенковска.

На добар пат сме, рече таа, да се врати довербата на граѓаните во судскиот систем, но, според неа, тоа е долг процес кој не може преку ноќ да ја смени довербата.

Со сите чекори што ги правиме придонесуваме да се врати довербата во судството, додаде Црвенковска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.