Новиот студентски дом кој се гради за потребите на Универзитетот во Тетово се очекува да биде подготвен за прием на студенти идната академска година. Градежните работи се целосно завршени, а во моментов етапно се опремуваат собите и сите останати простории кои ќе им бидат на располагање на студентите што студираат или во иднина ќе одлучат да студираат на овој државен универзитет и ќе имаат потреба од сместување, соопштија од Министерството за образование и наука (МОН).

фото: МОН

Увид во активностите изврши министерот за образование и наука Јетон Шаќири заедно со заменик министерот Агим Нухиу, ректорот на универзитетот проф. д-р Куштрим Ахмети и претседателот на универзитетскиот сенат проф. д-р Вулнет Амети. Шаќири информираше дека се работи за крупна инвестиција која ја реализира Министерството за образование и наука и истата е во последна фаза на реализација. Ќе следи партерно уредување и приклучување на студентскиот дом на водоводната и електрична инфраструктура во градот.

фото: МОН

Тетово ќе добие комплетен универзитетски кампус. Освен објектите во кои се изведува наставно – научната дејност, со изградбата и пуштањето во употреба на студентскиот дом, државниот универзитет ќе може да понуди комплетна услуга за идните академски граѓани и очекувањата се дека ќе привлече значително зголемен број на студенти во следниот период. Тука недостасуваше сместувачки капацитет и со заложба на Владата тој се гради согласно сите современи стандарди за квалитет, изјави Шаќири, додавајќи дека новиот студентски дом ќе може да прими околу 300 студенти.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.