Младинското движење на студентите „Студентски отпор“ за денеска во 16 часот најави мирен протест пред Собранието под мотото „Стоп за уништување на студентскиот стандард“, додека во 16 и 30 часот треба да се сретнат со министерот за образование Јетон Шаќири и со пратениците предлагачи на измените на Законот за студентски стандард.
„Студенстки отпор“ бара повлекување на предложените измени на Законот за студентски стандард, изедначување на стипендиите со повискиот износ, изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење на струја и подобрување на условите и итна санација каде што е неопходна во студентските домови.
-Со децении наназад студентот од Македонија е жртва на лошите политики и институционалната пасивност. Крајно време е да се спротиставиме на уништувањето на студентскиот стандард. Затоа, време е за студентски отпор!, велат од Студентски отпор.
Премиерот Димитар Ковачевски се согласува дека студентите имаат право да се борат за своите права најавувајќи ја средбата со ресорниот министер. Според него, добро е да се одржи собраниска седница на која ќе се дискутира за студентскиот стандард, како што иницира пратеникот од Демократскиот сојуз Павле Трајанов. Ковачевски би присуствувал на таа седница бидејќи смета дека е добра можност за споредба на сегашниот со претходниот концепт за студентите.
-Ќе имаат состанок во МОН каде ќе се разговара за забелешките на студентите во однос на предложеното законско решение. Дури и јас имам две забелешки, како ограничувачки фактори кои беа ставени, а сметам дека не треба да бидат и му ги кажав во текот на вчерашниот ден на министерот за образование и наука, изјави вчера Ковачевски.
Пратеничката Моника Зајкова од ЛДП, која е еден од предлагачите на законските измени, се огласи вчера посочувајќи дека не е точно дека некој сака да го укине студентскиот оброк, туку дека се бара трајно и системско решение за тој да функционира како што беше првично замислен, а по моделот кој се применува во Република Словенија.
Зајкова наведува дека Законот за субвенциониран студентски оброк како иницијатива на ЛДП од 2018 година беше едногласно усвоен и од власта и од опозицијата уште во 2020 година, но Министерството за образование и наука не најде можност системски да го имплементира, па лани реши да го менува на начин што се исплаќаа парични средства на трансакциските сметки на студентите без притоа да се има увид дали се трошат за храна или други намени. Како компромис поради реакција на младинскиот сектор и универзитетското собрание се воведе преодна одредба во постоечкиот закон која важеше до почетокот на оваа студиска година.
-Измените на законот го нарушија целиот концепт на истиот и го сведоа на ниво на финансиска поддршка. Бидејќи и по цела година од страна на Министерство за образование и наука не беше воспоставен систем за имплементација, а преодната одредба истече се соочивме со вакум период односно период кога студентите не ја користат мерката поради законска празнина, потенцира пратеничката Зајкова.
Таа најавува и дека за да не се губи време во собраниските комисии целосно ќе ги повлечат измените на законот и ќе подготват нов текст во делот на критериумите, усогласен со предлозите на студентските организации.
-Реакциите на студентите се оправдани, тие бараат да се вратат критериумите кои важеа во решението од 2020 година. Но, за да може да бидат вклучени и слушнати изворни нивните предлози пред ова законско решение да влезе на расправа во комисиите истите се поканети на средба во понеделник на која ќе бидат и предлагачите и министерот за образование. Доста е од популизам, доста е од искористување на се и сешто за политички цели и поени, да го направиме законот системски применив и одржлив, посочи Зајкова.
Демократскиот сојуз, преку соопштение, вчера побара Собранието да одржи итна седница на која ќе се расправа за студентскиот стандард и другите проблеми со кои се соочуваат студентите и да се донесат конкретни решенија преку интегрално прифаќање на нивните барања.
-Субвенционирање на студентскиот оброк, замрзнување на цените во студентските ресторани и домовите за сместување, исклучување на студентските домови и факултетите од мерките за штедење енергија, зголемување на студентските кредити и стипендии, се минимум услови кои државата треба да ги обезбеди за сите студенти без исклучок. Демократскиот сојуз укажува дека не може да се предлагаат законски решенија и да се носат одлуки без да се консултираат студентите и универзитетите, како што беше предложен законот за субвенционирање на студентскиот оброк или најавата за измени на Законот за високо образование, наведоа од ДС.
Со соопштение вчера се огласи и Левица, која го поддржува протестот на студентите. Партијата тврди дека во Предлог-буџетот се скратени 140 милиони денари од ставката „Студентски стандард”. Според оваа партија, објавата на Зајкова од ЛДП дека се повлекува законот, како што велат, е манипулативна, затоа што, според неа, испаѓа дека таа не ни знаела каков предлог-закон поднесува.
Предлагачи на измените на Законот за студентски стандард се пратеничките Жаклина Лазаревска и Санела Шкриељ од СДСМ и Моника Зајкова од ЛДП.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.