По спроведена истражна постапка и извршен увид од страна на обвинетиот и неговата одбрана, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против поранешен генерален секретар на Владата за злоупотреба на службена положба и овластување.
Според описот во Обвинителниот акт, обвинетиот се товари дека сторил продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.3 в.в. со ст.1 в.в. со чл.45 од Кривичниот законик. Обвинетиот како службено лице – Генерален секретар на Владата на РСМ, со умисла извршил две временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Тој, во периодот од април 2021 година до март 2022 година, искористувајќи ја својата службена положба и овластување постапил спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки и во два наврата, без спроведување соодветна постапка за јавна набавка во која на конкурентен начин би се одбрало правно лице за спроведување на потребните активности, склучил два договора со две правни лица како даватели на услуги, соопштија денеска од Јавното обвинителство.
Како што појаснуваат, на 04.05.2021 година, обвинетиот, без да спроведе постапка за јавна набавка, со умисла потпомогнат од осомничените хрватски државјани, недостапни на органите на прогон, склучил договор за консултантски услуги со правно лице на износ од 795.000 евра без ДДВ во денарска противвредност. Ова правно лице, во кое еден од осомничените хрватски државјани е соосновач и управител, било основано дваесет дена пред склучувањето на Договорот.
По склучениот договор, правното лице склучило Договор за консултантски услуги за постапка на процена на вредноста, како и длабинско снимање на АД Пошта со вториот осомничен хрватски државјанин, за износ од 130.000 евра во денарска противвредност. Во критичниот период, во повеќе наврати од сметката на Владата на РСМ се исплаќани парични средства на сметката на правното лице, со што за правното лице е прибавена значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 57.932.100,00 денари, што го претставува износот согласно договорот зголемен за 18 проценти ДДВ, а за кој износ е оштетен Буџетот на РСМ, се наведува во соопштението.
Вториот Договор за консултантски услуги е за поддршка во процесот на потенцијална приватизација на Железници на РСМ Транспорт АД Скопје и бил склучен наредниот месец, односно на 23.06.2021 година, со друго правно лице како давател на услуги (консултант).
Договорот, информираат од Јавното обвинителство, бил со вкупна вредност во износ од 772.400 евра во денарска противвредност без пресметан ДДВ.
На сметка на ова правно лице Владата на РСМ врз основа на издадена фактура првично исплатила аванс од 11.284.162,00 денари за одржување на почетен состанок со правното лице, односно за официјално започнување на проектот, а потоа врз основа на уште четири фактури биле исплатени буџетски средства во износ од 26.247.138,00 денари, за кој износ е оштетен Буџетот на РСМ, се посочува во соопштението.
Со опишаните дејствија обвинетиот прибавил противправна имотна корист од значителна вредност за двете правни лица во вкупен износ од 89.385.255,00 денари, за колку и го оштетил Буџетот на РСМ.
Од Јавното обвинителство информираат дека сметајќи оти се уште постојат околностите врз основа на кои на обвинетиот му беше определена мерката куќен притвор, предметниот обвинител на судот му предложи нејзино продолжување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.