Денес на дело и со документ Министерството за труд и социјална политика застана во одбрана на незаконското работење на разрешената директорка на ЈУДГ Детска радост, обвинува Бобан Стефковски, градоначалник на општина Гази Баба.
Тој на Фејсбук пишува:
Попладнево до општина Гази Баба е доставено Укажување со кое Министерството врши упад во системот се со цел одземање на ингеренциите на општина Гази Баба врз детската градинка Детска радост.
И покрај тоа што од страна на општина Гази Баба на инспекторите кои дојдоа во просториите на општината им беа доставени бараните документи, Министерството во укажувањето наведува паушални наводни прекршувања на постапката за разрешување, велам наводни бидејќи целокупната документација за која министерството вели дека недостасува е тука и постои во предметот и истата беше доставена до инспекторите од Министерството за труд и социјална политика кои беа во посета на општина Гази Баба.
Со ваквото постапување, Министерството за труд и социјална политика испраќа порака за неказливост и оваа постапка во случајот со градинката Детска радост може да се толкува како мотив за сите останати директори на детски градинки да работат спротивно на Закон, а со тоа ќе ја имаат поддршката на Министерството.
Јавно ја прашувам Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска:
1. Зошто на Укажувањето кое е доставено до општина Гази Баба не е потпишана инспектораката која го изработила Укажувањето и беше во инспекциски надзор над општина Гази Баба? Дали тоа значи дека инспекторката не се согласува со напишаното?
2. Зошто како Министер за труд и социјална политика се ставате во заштита на незаконито работење кое е утврдено со ревизорски извештај изготвен од надворешна независна лиценцирана ревизорска куќа?
3. Зошто не почекавте по наводите за незаконско работење да се прозинесат Основното јавно обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата до кој од мене е доставена документацијата и нели мислите дека со ваквата Ваша постапка се обидувате да извршите влијание над нивното работење?
За крај, почитувани мои сограѓани,
Борбата со криминалот и корупцијата е тешка борба, а за тоа најголем доказ се притисоците кои ги имаме со ваквите неосновани постапки.
Како градоначалник од кажаното нема да отстапам. Со незаконско работење, компромис ниту сум правел, ниту ќе правам, пишува Стефковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.