Фирмата „Арбериа дизајн“ се појави и денеска во Прилеп за да ја собере бината од свечената церемонија на која се означи поставувањето камен-темелник за изградбата на автопатот Прилеп-Битола од Коридорот 10-д, пишува 360степени.

Таа беше дел и од организацијата на свеченоста за почеток на изградба на автопат од Коридорот 8 која се одржа на 4 април во Тетово. „Арбериа дизајн“ ја немаше на Електронскиот систем за јавни набавки како добитник на тендер за организација на настанот на патарината кај Тетово, а ја нема ниту сега.

„360 степени“ тогаш праша, но не доби одговор од Владата која фирма беше организатор и за колку пари била ангажирана.

Новинарите се обидоа одговор за организацијата на настанот да добијат и од премиерот Димитар Ковачевски, но рече дека во тој период не бил во земјава и ги упати медиумите одговори да бараат од Груби.

По осум дена од свечената церемонија за означување на почетокот на изградбата на Коридорот 8, конечно стигна одговор на прашањето кој платил за настанот.

Првиот вицепремиер Артан Груби, кој е координатор на проектот за изградба на коридорите 8 и 10-д, на брифинг со новинарите посочи дека свеченоста ја платил изведувачот, во случајот американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

„Арбериа дизајн“ лани во август ја организираше прославата за годишнината од Рамковниот договор за 80 илјади евра. Јавната набавка ја спроведе Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, со кое раководи Артан Груби од ДУИ.

Компанијата лани ја организираше и прославата за Денот на албанската азбука за речиси 60 илјади евра и е еден од најчестите добавувачи на Министерството за образование, пред сè, во печатењето книги и друг училиштен материјал.

Омилената и фаворизирана фирма на ДУИ, која воедно е и нивен донатор, минатата година требаше да обезбеди и книги за училиштата, кои пак никогаш не стигаа до учениците. Имено, во ист работен ден, минатата година на почетокот на учебната година, училиштата добија известување од Бирото за развој на образованието дека треба да ги подигнат главните книги за учебната 2022/2023 година, за потоа доцна попладнето повторно да се известуваат да не бараат Главни книги, бидејќи има грешки во печатењето и поради тоа главните книги ќе треба да се препечатат. За печатењето, нормално, беше одговорна фирмата Арберија, спонзорот на ДУИ!

Грешката во Главните книги беа испревртени страници без никаков редослед на описно и бројчано оценување, без редослед на реден број на учениците, со еден збор целосен хаос.

Извор: 360 степени



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.