Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) испрати допис со барање до Владата на РС Македонија да не се намалуваат платите на новинарите и медиумските работници во Медиумската информативна агенција. ССНМ се спротивставува на планот за намалување на платите и другите додатоци во Медиумската информативна агенција, како дел од владиниот план за фискална одржливост бидејќи планираното намалување негативно ќе влијае врз работата на новинската агенција.

Сметаме дека со најавениот План за фискална одржливост не може да бидат опфатени сите институции што се буџетски корисници поради нивната различна дејност. МИА е акционерско друштво во државна сопственост поради што е опфатена со владиниот план во кој е предвидено намалување на расходите, но предупредуваме дека дејноста која ја извршуваат новинарите и медиумските работници е од јавен интерес и како што е познато во услови на криза дополнително им се зголемува обемот на работа, но и одговорноста за нејзино професионално и објективно извршување.
Укажуваме и дека со намалување на средствата за буџетските корисници се опфатени и новите вработувања, со што исто така ќе се наруши процесот на работа на МИА.
Истовремено, остро се противиме и на делот од планот да се ревидираат колективните договори и сметаме дека на среден и долг рок тоа негативно ќе се одрази врз правата на новинарите и медиумските работници, но и на сите работници во државата.

ССНМ предлага во подготовката на Планот за намалување на расходите да се изнајде модус со кој нема да биде предвидено намалување на платите кои и онака се просечни, а менаџментот на МИА да се спротивстави на укинувањето или намалување на додатоците на плата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.